Бугарскиот претседател Румен Радев својот мандат го започна со висока доверба од 58,5 проценти и недоверба од 32,1 отсто кај граѓаните, со што останува најпосакуваната личност во политичкиот живот во Бугарија со највисок позитивен рејтинг, објави БГНЕС. Податоците се од репрезентативната студија на полнолетното население во земјата од истражувачката програма на Галуп Интернешнл Балкан, „лице в лице“. Тоа е спроведено меѓу 805 Бугари во периодот меѓу 6 и 14 јануари годинава.
Довербата во владата се зголеми на 44,9 отсто и е поголема од недовербата (39 проценти), што се случува првпат уште од првиот мандат на Бојко Борисов во 2009 година што покажува акумулација на надеж за крај на политичката криза.
Сепак, економските стравови на Бугарите се високи – 86,4 проценти очекуваат зголемување на цените, откако повеќе години тој показател се движеше под 70 отсто, а на крајот се приближи до 90 проценти пред завршувањето на првиот мандат на Борисов и протестите кои се одржуваа поради цените.
Податоците покажуваат дека 15,3 отсто од анкетираните се изјасниле дека не сакаат Северна Македонија да започне преговори под никакви околности, 60,8 проценти – само ако го исполни договорот со Бугарија, а 7,6 отсто не поставиле услови.
Останати личности со позитивен рејтинг во Бугарија во последните месеци се Кирил Петков, со зголемена доверба, што е очекувано за нов премиер и ново лице во политиката, а со зголемена доверба се и Стефан Јанев, Асен Василев и Илијана Јотова.
МИА