Од утре почнува етапната исплата на јануарските пензии, кои ќе бидат зголемени за 2.9 отсто, според законското усогласување што се врши два пати годишно, во јануари и во јули, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Усогласувањето се врши според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие објавени од Државниот завод за статистика.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата ќе се изврши на 26 јануари 2022 година (среда), а за пензии од 11.001 до 14.000 денари, исплатата ќе биде на 27 јануари 2022 година (четврток). Се предвидува пензиите со висина од 14.001 до 18.000 денари да бидат исплатени на 28 јануари 2022 година (петок), а на оние од над 18.001 денари треба да се изврши на 31 јануари во понеделник.
МТСП укажува дека пензиите се сигурни на сметките, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена за да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.