(Видео) „Летал“ на автопат со 417 км/ч, па се пофалил на Јутјуб – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/22 8:13 AM

(Видео) „Летал“ на автопат со 417 км/ч, па се пофалил на Јутјуб

Германската полиција покрена истрага против чешкиот мултимилионер Радим Пасер, кој возел 417 км/ч на германски автопат, а подоцна со тоа се пофалил на Јутјуб.

Иако нема ограничување на брзината на германските автопатишта, трките се забранети.
Според германските закони и т.н. поединечна трка е забранета доколку возачот „со неприлагодена брзина, грубо ги крши правилата и несовесно вози со цел да постигне најголема можна брзина“, соопшти полицијата во Магдебург во понеделникот вечерта.

Видеото, објавено од чешкиот градежен претприемач Радим Пасер на неговиот канал на Јутјуб, го прикажува спортскиот автомобил „бугати чирон“ како се движи по германскиот автопат А2 од Берлин до Хановер и достигнува брзина до 417 км/ч.
Станува збор за „неодговорно и опасно возење“, иако нема никакви ограничувања.

На возачот му е дозволено да вози со брзина со која е возможно да се вози автомобил“, се вели во соопштението на полицијата.

„Возењето над 400 км/х е исклучително опасно, меѓу другото и поради многу долгата должина на сопирање, која при овие брзини се зголемува експоненцијално, а не линеарно“, изјави германскиот експерт за патен сообраќај Фердинанд Дуденхофер.

Тој се запраша дали може да им се дозволи на мултимилионерите „да се забавуваат на германските автопати и на тој начин да ги загрозат животите на другите луѓе“.

Во далечната 1987 година, германските производители на спортски автомобили како што се БМВ, мерцедес или ауди доброволно се обврзаа на автоматско ограничување на брзината во нивните автомобили од 250 км/ч.

Радим Пасер го стекна своето богатство на пазарот на недвижности и според чешкото издание на магазинот Форбс, тој е „тежок“ со околу 305 милиони долари.

ИЗвор: dnevnik.hr