Испраќањето на старата година неретко се поистоветува со очекувањето дека ќе ги испратиме и своите лоши навики.
Новата година за многумина е мотив да станат подобра верзија од себе. Поголем успех во кариерата, повеќе физички активности, поздрава храна.., сето ова се чини како разумна цел, но дали навистина треба да чекаме да дојде Нова Година за да се промениме на подобро?
Додека ги одбројуваме последните денови од првиот месец во оваа 2022 година, поставувањето на новите лични цели и одлуки е тема на разговор со мотивацискиот говорник, Мирослав Драганов. Авторот на книгата „Продолжи со насмевка“ за читателите на ММС објаснува како да ги поставиме целите, зборува за улогата на истрајноста на патот кон нивното остварување, но и за тоа дека и разочарувањето може да нѐ придвижи напред.
Со пристигнувањето на новата година пристигнуваат и популарните новогодишни одлуки, но дали навистина треба да чекаме да помине годината за да се почувствуваме мотивирани да се промениме на подобро? Или пак, можеби сепак ова е одлична прилика да почнеме да го менуваме нашето секојдневие?
-Надворешното опкружување и атмосфера понекогаш може да нè поттикне за нешто да промениме. Па, кога целата атмосфера околу прославата на Нова Година е опуштена, празнична, а и почесто се зборува за нови почетоци, промени, тоа секако може да ни влијае и нам. Но, треба да имаме на ум дека сепак онаа внатрешна инспирација и мотивација, се многу посилни и секогаш поклучни за да донесеме една таква одлука со која ќе почнеме да го менуваме секојдневието. Всушност, таква одлука би донеле во моментот кога ќе станеме доволно свесни дека сегашното наше секојдневние не ни се допаѓа токму нам. И вториот момент е кога тоа освестување ќе го преточиме во дело, во акција и навистина ќе започнеме да го менуваме и да го обликуваме нашиот живот по наша мерка.
Од каде почнуваат промените, како да знаеме во која насока да се движиме? Дали помага да се направи една ретроспектива на претходната година на лист хартија да видиме што било добро, а што разочарување и да можеме да донесеме објективна одлука во врска со промените?
-Често велам: „Во што и да веруваш, во право си!“. Значи промената најпрвин треба да започне со ретроспектива, но не толку со фокус на временскиот период (на пример минатата цела година), туку на нас самите како личности и тоа попрецизно: начинот на кој размислуваме (оттука започнува сè), уверувањата кои ги имаме досега, кои се нашите најсилни вредности и предности и што сакаме да постигнеме со промената, не само краткорочно, туку и од аспект на одржливо влијание. И секако потоа треба да направиме една ретроспектива и на надворешниот свет што директно или индиретно ни влијаел во изминатиот период и да размислиме дали можеби има и некој друг пристап што досега не сме го знаеле или пак пробале. Ако сето ова го напишеме некаде и ни стои често пред очи, на многумина побрзо ќе им помогне да ја започнат промената.
Марсел Пруст рекол: „Вистинското патување кон откривањето не е во потрагата по нови земји, туку во гледањето со нови очи“. И навистина е така, со тоа што од лично искуство би дополнил дека патувањето во нови земји и нивното подлабоко запознавање може побрзо да ни помогне во гледање со нови очи, што секако е крајниот резултат ако сакаме реална промена.
Во однос пак на „разочарувањата“ од минатото би рекол дека е убаво уште еднаш да ги погледнеме со овие сегашни очи. Може да се изненадите кога ќе забележите дека од оваа денешна перспектива барем на дел од нив сте им благодарни бидејќи тие ситуации ве донеле до некоја друга промена која сега за вас е позитивна. Не знам како оваа мини вежба ќе ја доживеат читателите бидејќи за секој од нив таа споредба на разочарувањата од минатата година ќе биде различна, но за мене на пример е секогаш многу јасно видлива бидејќи често се шегувам дека мене што може да ми се случи за една година, на многумина не може да им се случи ниту за една декада. Па така и сега, додека ги одговарам Вашите прашања, со блага насмевка си припомнувам колку одамна ми беше јануари 2021 и колку многу работи се промениле оттогаш и верувале или не, сега многу сум им благодарен на сите тогашни разочарувања.
Кога сето ова ќе го направиме, тогаш е крајно време да одлучиме што навистина сакаме во иднина и што ќе нè направи среќни и да бидеме свесни од што треба да се откажеме за да го постигнеме она што го сакаме. Тоа е „објективниот“ правец за нас.
Како да ги поставиме новогодишните одлуки, дали е доволно тие да бидат во нашата глава или подбро е да ги преточиме на хартија? Според Вас, дали треба да осмислиме неколку краткрочни цели и да одиме постепено кон нивно остварување или сепак да се одлучиме за некои покруцијални промени кои ќе бараат поголемо амбицирање за да бидат остварени?
-Како тренер за меки вештини и прв Neethling Brain Instruments (NBITM) советник во Македонија, свесен сум дека секој од нас има различни начини, пристапи, преференции на размислување и комуницирање, а со тоа и на самомотивација кон поставените цели. Па така некој ќе биде инспириран и самомотивиран доколку постави голема визионерска идеја што ќе бара целосно нов концепт, долгорочна стратегија и силна амбиција, друг пак тоа ќе го постигне кога ќе наведе некоја структурирана цел со јасни чекори и ќе почне со нивно остварување постепено само по тој редослед. Има и такви што ќе изберат цел што е поврзана со убаво дружење, а некои пак цел која ќе им донесе убава енергија, уживање. Секако дека ќе има и личности што ќе изберат цел поврзана со финансии, а некои пак цел која ќе значи да остане во поглем дел сè исто и да немаат многу турбуленции во животот. Драги читатели, се препознавате?
Секако дека покрај тоа какви сме ние како личности и како функционира нашиот памет, влијание на тоа кои цели ќе ги избереме има и моменталната животна ситуација во која се наоѓаме, опкружувањето, дали тие цели се само наши или пак имаат вклученост и меѓузависност од некој друг (од членови на семејството на пример)…
Какви и да се, најважно е да се радуваме на промените и да ги доживееме како единствена константа, а не да ги доживуваме како страв од нешто ново.
Колку е важна упорноста и истрајноста во реализацијата на новогодишните одлуки и цели? Што ако остварувањето не тече така како што сме наумиле, дали разочарувањето може да биде дел од овој процес?
-Ако немаме разочарувања во даден момент од процесот, тогаш не сме направиле ништо спектакуларано во однос на целите и посакуваната промена на нашето досегашно секојдневие.
Зошто ова го велам? Затоа што ниту една посериозна промена не оди баш онака како што сме наумиле на почетокот, туку е проследена со многу попатни пречки, предизвици, разочарувања, изненадувања… И во тие моменти најважни се упорноста и истрајноста! Ова не го кажувам „за да продавам магла“, туку го кажувам и од сопствено искуство, не само она низ целиот живот, туку особено еве и за време на пандемијата.
Ние на пример веќе некое време правиме нешто што никој досега на овие простори не го направил и затоа многупати кога станува многу тешко, честопати им ја кажувам на другите членови од тимот онаа позната изрека, но малку изменета: „Ако сакаме да направиме нешто што никој не го направил, тогаш мора да пројдеме низ разочарувања и препреки што никој не ги осетил. Колку вложувањето е поголемо, толку наградата е поголема и послатка. Ако го преживееме ова, ќе живееме уште 100 години!“ Дали сето ова вреди? Ќе знаеме и ние и вие во оваа 2022 година. Затоа ајде заеднички да славиме убави промени на крајот од годинава, оние промени што сега сме ги наумиле, новогодишно.
Вања Мицевска