Дијабетичарите бараат од Владата 14 денови боледување за да се заштитат од ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/22 12:58 PM

Дијабетичарите бараат од Владата 14 денови боледување за да се заштитат од ковид-19

Хронично болните лица со дијабетес, тип 1 и тип 2, кои се на инсулинска терапија, поднесоа барање до Владата, до Министерството за здравство и Кризниот штаб за спречување на ширење на пандемијата од ковид-19, да донесат мерки за ослободување од работни и училишни обврски, во рок до 14 дена. Целта е да се изврши превенција од дополнителни компликации и можни животно загрозувачки состојби кај овие лица, соопштуваат од Сојузот на здруженија на дијабетичари (СЗДСМ).

Додаваат дека, отсуствата ќе бидат на товар на работодавците, според правилата за боледување, и тоа на вакцинираните со 90 отсто од плата, а на невакцинираните или непрележани од корона вирус 70 отсто од плата.

Според Сојузот, загрижува што со највисок ризик по компликации на животите се граѓаните со хронични заболувања, особено лицата со дијабетес кои со секојдневни активности ги исполнуваат работните обврски.

„Најголем процент на заболени од корона вирус се лица со дијабетес, а за жал, во делот на починати тој процент е над 2/3 од вкупниот број. Воедно потсетуваме дека кај лицата кои имаат средна и потешка форма на корона вирус, од терапијата која се применува се појавува дијабетес и е зголемен бројот на корисници на инсулинска терапија“, велат Сојузот.