Околу 1,4 милиони евра ќе потрошат Градот Скопје и девет скопски општини за зимско чистење на улиците и за сол – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/22 11:33 AM

Околу 1,4 милиони евра ќе потрошат Градот Скопје и девет скопски општини за зимско чистење на улиците и за сол

Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од 8 милиони евра, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според него, како и претходните години, така и оваа, најмногу пари за оваа намена ќе потроши ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – 317 милиони денари, односно 5,2 милиони евра, што е 65 отсто од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава.
Градот Скопје и уште девет други скопски општини сезонава за зимско чистење на улиците и за сол заедно ќе потрошат околу 1,4 милиони евра.
Од другите општини, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра.
„Конкуренцијата на тендерите за зимско одржување е исклучително ниска, просечно по 1,7 понуди по тендер, а повеќе од половина од тендерите биле само со една понуда. Според вредноста на договорите, на врвот е „Димакс рудници“ од Демир Хисар со 7 милиони евра за две години или по 3,5 милиони евра на годишно ниво“, стои во Извештајот и се додава дека вкупната сума на трошоци за зимско одржување ќе биде и поголема ако се има предвид дека за пет тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи.

На второ место е Аполо Инженеринг со два договори, и тоа едниот склучен со Град Скопје во вредност од над 1 милион евра за две зимски сезони, а вториот со Општина Сарај во вредност од 48 илјади евра. Три договори се склучени со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје. На трето место е фирмата ДИКОР ЦД Струмица која има договор со ЈП и заштита на магистралните и регионалните патишта, за извршување на патни работи во зимски услови на сите Државни патишта во РСМ на територија на Подружница Штип во вредност од 548 илјади евра и договор со Општина Делчево во вредност од 23 илјади евра.

Што се однесува до фирмите кои добиле тендери за зимско одржување, на прво место според бројот на договори е скопската фирма КИ-ЕМ која има 7 договори за продажба на индустриска сол во вкупна вредност од 388.049 евра. Но, според вредноста на тендерите, други пет компании се носители на најголемиот дел од колачот.