„Патуваме во воз со Шемса и замотани во ќебе“ – Македонски хорор во 2022 година, возовите се уште немаат греење – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/22 11:24 AM

„Патуваме во воз со Шемса и замотани во ќебе“ – Македонски хорор во 2022 година, возовите се уште немаат греење

Ќебе, ракавици, хулахопки, капа и се што може да се купи од зимска опрема е потребно за да се возите на релација Велес – Скопје и обратно речиси цела зима со возовите на Македонски железници. Смрзнувачката е, ни помалку ни повеќе, во новите кинески возови кои пристигнаа пред неколку години.

Патниците кои секојдневно ги користат услугите на МЖ и патуваат со утринските возови за ММС открија дека условите се нехумани за патување во 21 век.

Во возовите температурата е речиси изедначена со надворешната, а патниците седат во студено купе и од дома си носат дополнителни реквизити за да се стоплат.

– Се смрзнуваме кога одиме на работа кон Скопје. Утринските температури се многу под нулата и затоа не се седи во место еден час. Ниеден воз нема парно. Во новите има систем со централно греење кој дува ладен воздух. Наутро доаѓаме со кебиња со кои се замотуваме, а од облека мора да имаме ракавици, капа, хулахопки и дебели чорапи оти без нив не се издржува – рече патник кој секојдневно патува до Зелениково и ова му е единствен начин на превоз.

За ММС тој се присети дека кога почнал да патува пред десет години, возовите биле полни со патници и дека се стоело во ходник. Но, сега и покрај тоа што има неколку нови композиции и железничкиот сообраќај е најевтин, бројот на патници драстично е намален и на утринските линии патниците се бројат на прсти.

– Ние што работиме во Зелениково, Орешани, Јане Сандански, немаме алтернатива и мора да мрзнеме во возот. Нема воз што не е расипан и во зима и во лето. На лето кога надвор е над 40 степени целзиусови, кога ќе се вклучи климата, возот буквално се гаси во движење и потоа се рестартира. Се случува персоналот во новите возови да си пушта музика која ја слушаме и ние во вагоните. Доаѓаш изморен од работа и сакаш да задремеш до Велес, но со песните на Шемса и Јужни Ветар тоа оди потешко – вели патникот за ММС.

Тој додаде дека и во времето кога возовите имале парно греење, се случувало повторно да мрзнат патници затоа што работникот на железничката станица во Скопје заборавил да го приклучи кабелот од локомотивата до вагоните при местење на композицијата. Одговорот од кондуктерот бил “што да ви правам сега, издржете до Велес“.

– Нема никаква одговорност кон патниците иако МЖ е јавен сервис и работи со пари на граѓаните. Неодговорноста ја покажаа пред некој месец кога им текна да штрајкуваат без најава. Замислете, чекаме на станица среде дивина на која нема постојка за да не заштити од дожд, сонце или снег и го очекуваме возот во секој момент. А, возот го нема затоа што никој не ни кажал дека нема да сообраќа тој ден поради штрајкот. И бараме превоз до Скопје, па оттаму за Велес, а тоа чини време, пари и нервоза. Додека ние мрзнеме во 21 век, политичарите се препукуваат кој што направил или не направил, а не разбираат дека студот за сите е ист – револтирано рече патникот.

ММС побара одговор од секторот за патнички сообраќај во Железници на Република Северна Македонија АД Транспорт и од генералниот директор Аднан Азизи, во петокот, но одговор не стаса ниту после три дена откако се пожалија патниците дека се смрзнуваат во возовите.

Затоа, пак, секој патник кој има поплаки и жалби, но и пофалби, може да ги запише во „Книгата за жалби“ која е отворена во секоја станица каде што има патничка благајна или да испрати мејл на mztransportad@mztransportad.com.mk и да чека одговор од ЖРСМ Транспорт, и да се надева дека ќе го добие.

Дека состојбите во железницата во државата се катастрофални покажа и фактот што неодамна утринскиот воз од Скопје за Ботила патувал околу десет часа. А, возот кон Кочани од поодамна не е во функција.

ММС неодамна пишуваше дека државните фирми тонат во долгови – имаат доспеани, а ненаплатени побарувања тешки стотина милиони евра. На листата Топ 10 прво е Акционерското друштво МЖ Трансорт кое до јуни годинава има долг од 51,7 милиони евра, а со голем долг тежок 16,3 милиони евра е и другата компанија од Железницата- МЖ Инфраструктура која има доспеани, а ненаплатени 16,3 милиони евра.

 

Орце Костов

фото: ММС/ЖРСМ Транспорт