Невладиниот Цивил – Центар за слобода: Говорот на омраза може да одземе човечки живот – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/18 1:02 PM

Невладиниот Цивил – Центар за слобода: Говорот на омраза може да одземе човечки живот

На превентивна борба против говорот на омраза и заедничко дејствување на институциите и граѓаните за престојниот референдум, повикаа невладината организација „Цивил – Центар за слобода“ и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Разговаравме за престојното граѓанско референдумско изјаснување и важноста за обезбедување спокоен цивилизиран амбиент, ослободен од секаков облик на закана или омраза што би можеле да реперкуираат со последици по правото и слободната волја на секој наш граѓанин при престојното изјаснување“, вели Спасовски.

Потенцијалите за говор на омраза кои во јавниот простор егзистираат поинтезивно  последниве 3-4 години претставуваат можен генератор на насилниот екстремизам. Невладиниот сектор нуди мултидисциплинарен приод  како и јакнење на јавната свест и граѓанска едукација.

„Во она што се нарекува говорна омраза може да се кријат потенцијали за навистина страотни настани и страотни инциденти кои може да однесат човечки живот. Се разбира во тековите процеси и настани, ние би сакале како организација да упатиме апел до граѓанките и граѓаните на Република Македонија да се воздржат од говорна омраза. Во поглед на овој престоен референдум се навистина интензивирани и може да придонесат кон понатамошни проблеми“,  изјави Џабир Дерала, кој вели дека говорот на омразата и заканите и против луѓето што сакаат слободно да се изразат на референдумот се сериозна опструкција на демократскиот процес и се кривично дело.

„Го повикуваме Основното Јавно Обвинителство да постапи во сите случаи во кои ќе се забележи, извести за говорна омраза, а особено за заплашување и насилство против оние кои сакаат слободно да се изразат на референдумот“, изјави Џабир Дерела.

Министерот Спасовски потенцираше дека МВР будно ги следи активностите во овој домен и реагира согласно законските надлежности  и обрски на секоја од пријавите.