Милорад Додиќ, српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина во интервју за шпанскиот „Ел Мундо“ изјави дека „БиХ е пропаднат проект“ и оти најдоброто решение за државата би било Бошњаците, Србите и Хрватите да се „разделат на цивилизиран начин“.
– БиХ не би можела да опстане поради истата причина поради која не опстана Југославија. Во БиХ постојат три народи. Два од нив, Србите и Хрватите, се незадоволни. Муслиманите пак сакаат да створат унитарна држава во која би биле доминантен народ, изјави Додиќ.
Тој вели нивната политика не е насочена кон отцепување, туку зборуваат за друга можност, заснована на проценка дека БиХ нема да биде успешна како држава.
– Ако е така тогаш најдобро е да се раздвоиме на цивилизиран начин, вели Додиќ.
Тој нагласува дека Србите нема „да започнат војна за да се отцепат“, но повтори дека најдобро е да се разделат ако не можат да живеат заедно. Според него Србите го „бранат политичкиот процес“ за постигнување на оваа цел и приказните за можна војна се „бесмислени“.
Додиќ вели БиХ постои како држава единствено поради притисокот од меѓународната заедница.
– Тоа е експеримент на странците. Прво предлагам станците да престанат да управуваат со оваа земја, бидејќи таа е единствена колонија која постои во Европа. Нека не остават да најдеме консензус, ако е возможно, вели Додиќ.
Според Додиќ високиот европски претставник Кристијан Шмит нема право да воведува закон во БиХ.
– На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе отколку двајцата мои колеги од Претседателството заедно. Сега доаѓа германецот и вели дека иднината на БиХ нема да се конституира со Додиќ. Што се замислува, кој е тој? БиХ е еден пропаднат проект. Се наоѓа пред тешка криза и не е тоа криза од сега, туку е отсекогаш тука. БиХ е синоним за криза, заклучува Додиќ.
извор:Н1