Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски објави листи со возила чии сопственици се функционери од владејачките партии, кои биле ослободени од плаќање за паркинг.
-Возилата на листите се на имиња на Борче Јакимовски најчесто и на Владимир Кроневски, кој што се доскорешни директори на паркингот во Скопје, инаку членови на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ. Возила има и на име на Славче Јовановски, актуелен советник во Град Скопје. Инаку, и тој дел од највисокото раководство на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Почитувани, јасно е дека ова се списоци коишто укажуваат дека Демократскиот сојуз е во власта и е сателит на СДСМ за да може врз грбот на народот да ползува бенефиции. Во спротивно овие тројца кој што ги набројав, Јакимовски, Кроневски, како и Јовановски сами имаат околу 400 возила кои што ги пријавиле за неплаќање паркинг, речиси на сите зони во Скопје. А, до нив има имиња на други луѓе како и опис на автомобилите. Да речеме стои името, регистарска табличка и име на Мартин Попов, актуелен шеф на кабинет во владата на премиерот. Тука е и поранешниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тука, до името на Владимир Кроневски е и Душко Весковски, доскорешен директор на Водовод во Скопје и да не ги редам други, вели Стоилковски.
Се работи за најмалку 400 возила и според бројот на регистрициите, како што рече Стоилковски, може да се направи една споредба дека станува збор за цела една катна гаража.
-Математиката според ценовникот на катните гаражи, би рекол, за четири години повластените потрошиле или, всушност заштедиле над два милиони евра за паркирање низ Скопје. Толку чини годишна карта за 400 возила, за четири години во катните гаражи во Скопје, кажа портпаролот.
Одговорија од Демократскиот сојуз:
-Најенергично ги отфрламе обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со објавени податоци за возила преку ЕКСЕЛ табели, бидејќи во системот никој не може да внесува регистарски броеви на возила кои ќе бидат повластени. Во Одделението за грижа на корисници дневно се проверуваат неколку стотина возила, дали платиле паркинг преку системот за зонско паркирање, дали имаат картица за паркирање, дали се возила на оперативните служби и сл. Овие податоци можат да ги влечат од системот, Одделението за грижа на корисници, да подготвува табели и истите да ги злоупотребува за партиски цели и дискредитација. Инаку во ЈП Градски Паркинзи има над 270 вработени, најмногу членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Валентина Јовановска, (Раководител на одделението за грижа на корисници), сестра на бизнис партнер на ВМРО-ДПМНЕ, која има пристап до сите податоци и може да ги злоупотребува истите. Никој од раководството на ЈП Градски Паркинг, нема учество во било какви недозволени и противзаконски активности, правење на списоци и сл. Тие што секојдневно плукаат против раководството на ЈП Градски Паркинг, ќе се “удават” во калта. Работите ќе ги расчистиме на суд, реагираа од ДС.