„По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, а нареди и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот со цел да се утврди дали тој управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции“, соопштија од Јавното обвинителство.
Додаваат дека, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Скопје синоќа извршил увид на местото на тешката сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар Сити мол во Скопје, во која животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „Цитроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, девојката починала на лице место, додека другиот пешак е повреден и е пренесен во болница.
„Издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата. Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување“, информираат од ЈО.