Работници од 62 фирми низ земјава пријавиле до НВО „Гласен текстилец“ дека не им е исплатено или пак добиле минимален износ од 100 или 500 денари регрес за годишен одмор, познат како К-15.
Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“ вели дека пријави имаат од Штип, Скопје, Куманово, но и од останати градови. Според нивните податоци, 46 македонски компании воопшто не исплатиле регрес за годишен одмор до законски предвидениот рок. До „Гласен текстилец“ пристигнале и пријави за уште 16 фирми кои само делумно исплатиле К-15.
–Повторно има по 500 денари, по 100 денари исплата. Од тие 62 фирми кои што се пријавени, 46 не исплатиле воопшто. Државниот трудов инспекторат ќе отиде, ќе им каже дека треба да исплатат К-15, меѓутоа, колективниот договор дозволува исплата на тие срамни суми од 500, од 100 денари да поминат, па дури и таму каде што има синдикално организирање“, рече Ампева.
Таа смета дека постојните законски решенија им дозволуваат на фирмите, кои ќе прикажат дека работеле со загуба, да исплаќаат минимални износи. Според неа, решението за да се надминат ваквите манипулации е во новиот Закон за работни односи.
–Да се донесе нов Закон за работни односи и внатре да стои децидно дека К-15 им следува и во јавен и во приватен сектор, да биде определен минималниот износ“, вели Ампева.
Најголем број од пријавените фирми се од текстилната и кожарската индустрија, но има и приватни здравствени установи, карго услуги, автошколи, фирми кои се занимаваат со угостителски дејности, продавници и казина.
Ампева посочи дека фирмите кои константно го кршат Законот за исплата на минималната плата наместо прекршочни, треба да добиваат кривични пријави.
-Се надевам дека Државниот трудов инспекторат ќе покренат кривична постапка и за вакви фирми што постојано го прават тоа. Мислам дека кривичните пријави ќе имаат некој поголем импакт, бидејќи не секој сака да биде под финансиска истрага, под истрага на УЈП или, пак, од Јавното обвинителство“, додава Ампева, според која очекувано беше законските измени за недела неработен ден да бидат оспорени пред Уставниот суд.