Ватикан денеска повтори дека чувствува „срам и каење“ за сексуалната злоупотреба на малолетници од страна на свештеници, по објавувањето на независен извештај во кој се доведуваат во прашање постапките на почесниот папа Бенедикт Шеснаесетти.
„Изразувајќи го уште еднаш чувството на срам и каење за насилството врз малолетниците извршено од свештениците, Светата столица ја изразува својата блискост со жртвите и ја потврдува насоката што ја презема во заштитата на најмалите со тоа што гарантира безбедна средина“, изјави Матео Бруни, шефот на прес-службата на Светата столица.
– Светата столица смета дека треба да се посвети целото потребно внимание на документот чија содржина сè уште не ја видела. Во наредните денови, по неговото објавување, ќе се запознае со содржината и ќе ги проучи сите детали“, додаде тој.
Во Германија денеска ќе се објави извештај што може да отвори потенцијален скандал за сексуално насилство врз деца во католичката црква, а меѓу оние кои можат да се најдат во центарот на вниманието е поранешниот папа Бенедикт XVI, јавија претходно француските медиуми.
Во извештајот на адвокатската канцеларија Westpfahl Spilker Wastl (WSW) се анализира како биле разгледувани случаите на злоупотреба во Архиепископијата во Минхен и Фрајзинг, меѓу 1945 и 2019 година. Извештајот е нарачан од Минхенската архиепископија, а во него требаше да се испита дали „одговорните ги почитувале законските барања, како и дали дејствувале соодветно во справување со сомнителни случаи и можни извршители“.
Поранешниот папа Бенедикт, чие име е Јозеф Рацингер, беше архиепископ на Минхен од 1977 до 1982 година.
Во тоа време, свештеникот – педофил Питер Хулерман бил обвинет за малтретирање на едно 11-годишно момче. Тој е казнет со преместување во Минхен од Есен, во Западна Германија. И покрај скандалот, тој продолжил да извршува пастирски должности и во 1986 година бил осуден на условна казна за насилство врз неколку деца.
Инспекторите сугерираат дека случаите на насилство се случувале во времето кога Рацингер бил архиепископ на Минхен.
И по осудата, Хулерман продолжил да работи со деца. Неговиот случај е пример за неправилниот став на црквата кон насилниците.
Бенедикт негираше дека знаел за историјата на свештеникот. Според германските медиуми, поранешниот папа дал изјава од 82 страници како одговор на истрагата.
– Почесниот папа „ја зема при срце судбината на жртвите на насилство“ и во целосно се согласува „да се објави извештајот од Минхен“, изјави неговиот портпарол Георг Хансвејн за весникот „Билд“.
Во 2013 година, 94-годишниот Бенедикт стана првиот папа кој поднесе оставка, за првпат по 600 години. Сега тој живее во поранешен манастир на територијата на Ватикан.
Адвокатската канцеларија Westpfahl Spilker Wastl (WSW) во извештај наведе дека папата Бенедикт Шеснаесетти знаел за свештениците кои малтретирале деца додека тој бил надбискуп на Минхен.
– Тој бил информиран за сите факти, изјави адвокатот Мартин Пуш во Минхен, пренесува Си-Ен-Ен.
МИА