Според Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства, во текот на 2020 година се поведени постапки за кривични дела поврзани со криумчарење мигранти и трговија со луѓе или деца кои се водат како дела против човештвото и меѓународното право. Вкупно е постапувано по кривични пријави против 118 лица, од кои новопријавени се 98 лица. Поднесени се обвиненија против 112 лица и од страна на судовите биле донесени пресуди против 38 лица. За 65 лица донесени се пресуди врз основа на признание на вина.
Ова се посочи на денешната средба меѓу Јавниот обвинител на РСМ Љубомир Јовески, Бодан Лазаревски и Џељаљ Бајрами, јавни обвинители и група студенти на Клиниката за човекови права од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.
„Како еден од клучните предизвици за поефикасно санкционирање на трговијата со луѓе и другите сродни кривични дела, јавните обвинители го наведоа недостигот на кадровски и материјални капацитети, што е нотирано и во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за борбата против трговијата со луѓе во земјава за 2021 година“, соопштија од Јавното обвинителство на РСМ (ЈОРМ).
Додаваат дека, земјава се наоѓа на таканаречената „мигрантска рута“ кон ЕУ поради што ЈОРМ секоја година регистрира значителен број предмети кои се однесуваат на овој тип кривични дела. Во основа станува збор за кривичните дела – трговија со луѓе, трговија со малолетно лице, криумчарење мигранти, засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, како и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти.