ЕСМ денеска попладне на владина седница треба да го достави Предлог-договорот за соработка со БЕГ и веќе од утре да го преземе управувањето со топлинската енергија. Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека греењето ќе биде продолжено до еден часот по полноќ и ќе нема намалување на температурата на греење ниту дополнителни рестрикции, и покрај енергетската криза.
– ЕСМ е обврзан да го достави Предлог-договорот за техничка соработка со БЕГ. Согласно одлуката за прогласување на кризна состојба во делот на топлинската енергија, дополнително ќе насочиме средства во ЕСМ. Од утре компанијата ќе управува со БЕГ снабдување, БЕГ дистрибуција и БЕГ производство, со цел граѓаните на Скопје во континуитет и сигурно да бидат снабдувани со топлинска енергија до крајот на грејната сезона“, изјави денеска Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања и вети дека договорот кој ЕСМ го има склучено со БЕГ ќе биде јавно објавен на веб-страната на ЕСМ.
На новинарско прашање, какви се прогнозите за цените на гасот и по која цена на гасот ќе биде склучен договорот меѓу БЕГ и ЕСМ, Бектеши одговори: „Ако вие знаете колку ќе изнесуваат цените на гасот во март, бидејќи станува збор за берзански цени, тогаш ќе ве повикам да дојдете и да учествувате во комисијата, да ни помогнете. Инаку, договорот меѓу БЕГ и ЕСМ ќе биде врз основа на фјучерси (договор за тргување во иднина, меѓу продавач и купувач) за гасот кои се однесуваат на февруари“, рече Бектеши.
М.Т.