Возач на обиколницата во Скопје возел со 320 км/ч! – Патиштата во Македонија како сцена од „Брзи и бесни“ – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/22 12:09 PM

Возач на обиколницата во Скопје возел со 320 км/ч! – Патиштата во Македонија како сцена од „Брзи и бесни“

Во текот на минатата 2021 година полицијата изрекла 8164 казни на возачи кои не ги почитувале сообраќајните знаци, правила и прописи што се однесуваат на максимално дозволената брзина на движење. Но, овие бројки не се однесуваат за цела територија на Македонија, туку само на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и регионалните и локалните сообраќајници во тетовско, а меѓу казнетите имало и возачи кои возеле со над 70 километри на час повеќе дозволеното.

За оние „побавните“ следуваат казни од 45 до 400 евра, а оние побрзите најчесто се соочуваат со времено одземање на нивните возачки дозволи од три месеци до една година. Ниту овие високи казни, ниту строгите контроли кои Министерството за внатрешни работи ги врши секојдневно не можат да ги зауздаат „коњите“ под хаубите на некои возачи кои возат толку брзо, небаре се нашле во сцена од адреналинската филмска сага „Брзи и бесни“.

МВР секојдневно казнува по најмалку 200 возачи, а некои денови се и „поплодни“ за сообраќајната полиција. На празникот Водици на 19 јануари кој беше неработен ден и кога е намалена фрекфенцијата на движење, полициските службеници санкционирале 257 возачи.

„Од нив 25 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 89 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 168 надвор од населено место“, стои во новиот извештај на МВР.
ММС побара одговор од Министерството за внатрешни работи која е најголемата брзина регистрирана со новите уреди за мерење, на кои патни делници низ земјава се вози најбрзо и во кој период од денот.

“Најголема брзина измерена со уреди за мерење на брзината е констатирана на автопат  А2 – Обиколница Скопје, кога е измерена брзина на движење 320 километри. По однос на прашањето „Во кој период од денот се вози со брзина поголема од пропишаната“, неможе да се утврди временски интервал од причина што овој прекршок се манифестира во текот на 24 часа, на сите патишта“, велат за ММС од МВР.

Во последно време, освен возачите на бесни автомобили, МВР казнува и возачи на минибуси и комбиња кои превезуваат патници во јавниот превоз. На почетокот на 2022 година на автопатот Скопје-Тетово-Гостивар и магистралата Гостивар Кичево МВР казни 15 возила од ваков вид, а едно од нив се движело со 70 км/ч повеќе од дозволеното.

Честопати се случува возачи да возат со 200 километри на час и да ја избегнат полициската патрола. МВР веднаш се впушта во потрага по возачите кои при избегнувањето на контролата прават еден куп прекршоци, известувајќи ги сите организациски единици.

„На учесникот кој не запрел на даден знак на полициски службеник, истиот кога ќе биде пронајден, ќе му се изрече предвидената глоба за сторениот прекршок, како и глоба за постапување спротивно на знаците кои ги дават униформираните полициски службеници согласно член 221 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Глобата изнесува 250 евра. За време на контролата над учесниците во сообраќајот доколку се утврди покрај прекршокот за кој е сопрен учесникот има конзумирано и алкохол односно е утврден и друг прекршок, учесникот се санкционира и за другите констатирани прекршоци“, објаснија од МВР.
Министерството за внатрешни работи во континуитет превзема полициски акции и за санкционирање на уличните трки кои се поретка појава во последно време.

„Улични трки најчесто се забележани на автопат А2 – Обиклоница Скопје, сообраќајници во градот Скопје, како и по сообраќајниците од другите градови во територијата на државата“, рекоа за ММС од Министерството за внатрешни работи.

Орце Костов

фото: МВР