Едно се гради друго се уништува – Затрупан извор со минерална вода за кој се верувало дека лекува од стомачни болести – ММС
ММС

Објавено на: 01/20/22 10:47 AM

Едно се гради друго се уништува – Затрупан извор со минерална вода за кој се верувало дека лекува од стомачни болести

Уништен симболот на месноста Бањиче. Изворот со минерална вода каде што тетовци, но и жители од цела Македонија полнеа вода за која веруваа дека лекува од стомачни болести, неодамна е затрупан со земја. На оваа месност се изведуваат градежни активности од страна на Општина Тетово, за уредување на просторот и изградба на рекреативно место. Но очигледно не се внимавало на минералните извори, по кои што е препознатливо Бањиче.

-Кога дојдов тука се изненадив. Како е можно ова некој да го направи, се чувало со векови, сега да се уништи. Тука не само од Македонија, туку и од соседно Косово доаѓаат да полнат вода, за кој веруваат дека им помага, а и навистина им помага, ако постојано ја користат. Сега општината нешто гради, но од друга страна и уништува, вели еден жител кој сакаше да наполни минерална вода, но наиде на затрупан извор.

И пред неколку години покрај самата река, жител на Селце го уништи истиот извор со минерална вода, откако со багер го рамнеше местото покрај изворот, каде поради промена на конфигурацијата на теренот водата се изгуби. Но за неполни две години од самите цевки повторно се појави водата, но со малку изменет вкус.

Ова не е прв пат да се уништуваат изворите со минерална вода во месноста Бањиче.

Неодамна кога се асфалтираше патот кој води кон Шипковачко Теќе беше уништен изворот со минерална вода од која тетовци со векови полнеа, а нивното верување е дека таа помага за психички болести и нервни растројства.

Се работеше до извор чија вода истекуваше од мала цевка вдлабната во карпа. Изворот беше лоциран точно покрај патот кој, кога се асфалтираше сиот земјен материјал и градежен шут се истураше врз изворот, се затрупа и за неколку дена згасна и замина во историјата.

За ова уништување на природните вредности на Шара каде тетовци гледаа надеж за нивното здравје, никој не понесува одговорност.

Инаку месноста Бањиче се наоѓа во подножјето на Шар Планина,на околу 3 километри од Тетово и е една од ретките рекреативи зони во овој регион.

Зоран Димовски