Мартин Гоџоски од охридската населба Варош денеска беше најуспешен меѓу неколкуте стотини верници и успеа да го извади Чесниот крст од осветените води на Охридското Езеро. „Речиси десет години наназад скокам во езеро за да го фатам крстот. Еве тоа се исполни. Чувството е прекрасно, мислам дека тоа ќе ми донесе многу среќа и благосостојба во фамилијата. За да стигнеш до Чесниот крст мора да постиш, да си внесен во верата и да ги почитуваш правилата на Црквата“, рече 25-годишниот Гоџоски.
Традиционално манифестацијата по повод православниот празник Богојавление – Водици во Охрид ја следеа илјадници верници и гости како од градот, така и од околните градови, но и пошироко.
Градоначалникот Кирил Пецаков, на среќниот верник и на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление – Водици.
– Традицијата на одбележувањето на денешниот празник во Охрид продолжува. И покрај проблемот со ковид-кризата, ја организиравме оваа манифестација што мина во најдобар ред. На фаќачот на крстот му посакувам среќа, здравје и успех“, рече Пецаков.
Прославувањето на Богојавление продолжува со забава на верниците на Градскиот плоштад и концертот на групата „Љубојна“.
Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации, како според бројот на посетители, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води.
Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.
МИА