Ковачевски не е првиот политичар што доби јаболко од бугарската новинарка – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/22 4:06 PM

Ковачевски не е првиот политичар што доби јаболко од бугарската новинарка

Црвена, здрава бугарска јаболка доби на крајот од денешната прес конференција новиот македонски премиер Димитар Ковачевски од бугарска новинарка. На изненадување на сите, новинарката му пристапи на Ковачевски и држејќи го својот микрофон во рака, му се обрати на македонскиот премиер:

– Господине Ковачевски, дозволете да ви подарам здраво, бугарско црвено јаболко во знак на доверба дека ќе го зачувате единството меѓу Бугарија и Северна Македонија! Со среќа!”, рече новинарката. Ковачевски го зеде со насмевка и рече дека ќе го чува.

Бугарската новинарка Илијана Беновска често им подарува јаболка на политичарите. Колегата на Ковачевски, Кирил Петков, кој денеска стоеше до него кога ја прими јаболката, го има добиено својот подарок од Беновска. Исто како и неговиот прв  партиски колега, министерот за финансии Асен Василев, доби зелено јаболко, како што објасни новинарката, затоа што се „зелени во политиката“.

Црвено јаболко доби и претседателот Румен Радев, потоа Росен Плевнелиев, па и Красимир Каракачанов. Во друга прилика обезбедувањето грубо ја спречи да го врачи. Еднаш поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов дури ја предупреди новинарката ако има намера да му дава јаболко, да даде и н.

-Ако вадиш јаболко, имаш ли и нож? Не јадам нелупени јаболка, рече Борисов.

Во едно од многуте видеа, новинарката Илијана Беновска објаснува зошто им дели јаболка на политичарите. Приказната почнува од некогашниот француски амбасадор во Софија, Кабан, кој рекол дека „бугарската нација е полна со гнили јаболка“. За да докаже дека не е така, новинарката дели здрави јаболка на настаните. Од политичарите бара да го одржат јаболкото здраво и да го демантираат амбасадорот, за кој вели дека си ја добил казната со тоа што завршил во некоја африканска земја.

Јаболкото на Ковачевски се коментираше различно. За некого тоа беше пропуст на обезбедувањето, меѓутоа многу веројатно дека беше предупреден дека може да му следува јаболко. Дали ќе остане црвено и здраво, сепак не е само до македонската страна и до Ковачевски.