Ако играв ракомет денес, ќе бев подобар знаејќи го мојот квалитет, вели легендарниот Пепи Манасков – ММС
ММС

Објавено на: 01/19/22 2:00 PM

Ако играв ракомет денес, ќе бев подобар знаејќи го мојот квалитет, вели легендарниот Пепи Манасков

Легендарниот Пепи Манасков во емисијата „Стадион“ на Радио Канал77 зборуваше за врвниот ракомет и промените кои се случиле во последните две децении, благодарение на вложувањето во спортот и комерцијализацијата преку промена на ракометните правила, како и за влијанието на пандемијата врз овој спорт.

За Пепи постои легенда дека во негово време тренирал по осум часа шутирајќи во една точка на ѕидот, односно толку многу вежбал што неговите перформанси, неверојатни за неговото време, се должеле 99% на посветената работа, а само 1% на талентот.

– Во моето време трениравме по осум часа шутирајќи во една точка. Поседувајќи ги моите перформанси кога играв јас, би се вклопил добро и би бил подобар сега. Во мое време немаше вакви услови, трениравме во ладни сали, импровизирани терерани, трчавме во природа. Талентот е само 10%, останатото е многу работа и тренинг. Еволуираше ракометот, се променија многу правила. Во мое време играа 12 ракометари, а сега составот брои 16, јас играв 60 минути во два правци, а сега тренерот има поголем ростор и ги ротира, ги одмара ракометарите. Затоа трчаат побрзо, се игра побрзо, енергијата на играчите повторно е сочувана и дозирана. Играчот не е истрошен. Квалитетот на игра не опаѓа затоа што имаат добри 14 играчи – вели Пепи Манасков.

Македонската легенда смета дека во ракометот се случиле доволно промени и дека не треба да се менува дополнително затоа што ќе се загуби убавината на самата игра.

– Предноста на големите клубови е токму тоа. Овие промени со седум играчи во поле, брз центар се доволни. Нема потреба нешто да се менува, што повеќе се менува, се губи од убавината на самата игра. Што побрзо се игра, побрзо се греши. Добро е да видите добро изработена акција, од подготовка до реализација – истакна Пепи.

Ковидот ќе остави силна трага во ракометот, прво психолошки, а потоа финансиски.

– Овој тренд со кратење на платите не е добар, на спортистот му се скратува желбата за докажување. Без разлика дали сте аматер или професионалец, играте да заработите, играте за егзистенција. Како колективен спорт ракометот е најевтин, не можете да ги споредувате со кошарка или фудбал. Сепак очекувам трендот да игра во нагорна линија во иднина – додаде Манасков.

 

О.К.