Газдите го дадоа на Уставен „недела неработен ден“, синдикатите предупредуваат, ќе има штрајкови – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/22 2:29 PM

Газдите го дадоа на Уставен „недела неработен ден“, синдикатите предупредуваат, ќе има штрајкови

Милиони денари на работниците кои работеле во неделите, без никакви ограничувања, а не биле плаќани за тоа, завршувале во џебовите на газдите. Според Законот за работни односи (ЗРО) и Законот за трговија, ако само 8 отсто од вработените работат во недела (од вкупно 63.734 вработени според ДЗС), дневницата што би им се плаќала на минимална плата од 15.194 денари, би им изнесувала 1.140 денари. Или, ќе треба вкупно да се исплатат 72.656.760 денари. Ако ги работат, пак, сите четири недели во месецот, работодавачите би требало да исплатат 290.627.040 денари. Доколку работник има просечна плата од 29.145 денари, дневницата за недела изнесува 2.186 денари. Што значи, ако се работат сите четири недели во месецот, треба да им исплатат 557.290.096 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Повод за реакцијата и објаснувањето на ССМ е тоа што Уставниот суд вчера објави дека Стопанската комора на Северна Македонија поднела иницијатива за оспорување на законските одредби за прогласување на недела за неработен, бидејќи работодавачите оцениле дека е спротивен на слободата на пазарот и претприемништвото.

ССМ во соопштение денеска прашува, ако досега овие средства останувале во џебот на газдите, зошто тие поведуваат иницијатива како да се на работ на егзистенцијата, а не е работникот, кому не му се исплаќани дневници за работење во недели.

„Недела е ден на одмор и е реалност колку тоа на „газдите“ да не им се допаѓа. А, не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците. Согласно член 11 од Уставот „Се забранува присилна работа.“, согласно член 32 од Уставот „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор“ и „Од овие права вработените не можат да се откажат“, соопштија од ССМ.
Додаваат дека, правото на неделен одмор е уредено во ЗРО и во Законот за трговија кои се усогласени со Уставот, и дека тоа работодавачите не смеат да го ограничат. Во спротивно, потенцираат дека излезот од оваа ситуација може да биде штрајкови и протести на работниците.
Законските измени за недела неработен ден, стапија во сила на 1 јануари годинава, откако претходно пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени.

М.Т.