Поранешниот член на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Гаврил Бубевски на денешната седница на Советот на јавните обвинители беше избран за Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје. Нови обвинители по распишаните конкурси беа избрани и во ОЈО Тетово, каде нов Јавниот обвинител е Бесир Алиу. Јавниот обвинител Стевчо Донев од ОЈО Штип напредуваше во Вишото јавно обвинителство Штип, додека јавните обвинители Соња Симовска и Љупчо Коцевски беа избрани за јавни обвинители во Јавното обвинителство на РС Македонија. На претходно одржаната седница во декември, Советот на јавните обвинители го прифати барањето на неколку обвинители за продолжување на нивниот работен век за уште шест месеци.-Советот на јавните обвинители на РСМ, донесе одлука на јавните обвинители Елизабета Ристевска – јавен обвинител во ВЈО Скопје, Бранко Тричковски – јавен обвинител во ОЈО Делчево, Снежана Зафировска – јавен обвинител во ОЈО Кочани, Милка Спирковска – јавен обвинител во ОЈО Прилеп, Сулејман Алијевски – јавен обвинител во ОЈО Битола, кои имаат поднесено барање за продолжување на работниот однос – функцијата јавен обвинител им биде продолжен заклучно со 30.06.2022 година, сметано од датумот кога ги исполнуваат условите за старосна пензија, соопшти Советот (15.12.2021).
Продолжување по рокот за пензионирање бараат уште петмина други обвинители, кои побарале продолжување на подолг рок, меѓутоа, поради стапувањето во сила на законски измени, и тие обвинители добиле продолжување до 30.06.2022 година.
-На јавните обвинители Гордана Смаќоска, Зора Сотирова, Имран Османи, Елица Илиевска и Жулиета Карова Бошевска, по сила на закон работниот однос и функцијата јавен обвинител ќе им престане заклучно со 30.06.2022 година, соглано членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, стои во одлуката на Советот на јавни обвинители.