Изминатите години, па и децении покажаа дека еколошките инциденти не само што ретко се евидентираат и документираат, туку и изречените казни се преблаги за да ја имаат својата превентивна улога кај загадувачите. Најдобра илустрација на ова е случајот со реката Брегалница, за која до сега само еден случај на загадување стигна до суд, но и тој повеќе од една година не може да почне поради разни административни причини.
Компаративната анализа на судските предмети кои се однесуваат на дела кои ја загрозиле животната средина и природата на Центарот за правни истражувања и анализи покажа дека казнената политика во Македонија преблага, земајќи ги во предвид висината на штетите кои настануваат во природата. Најголем број од судските одлуки се условни пресуди, мал дел завршуваат со парични казни за сторителите, а во само еден случај е изречена и казна затвор. Паричните казни пак се прениски, а скоро и воопшто да не се размислува на вклучување на обврската за реставрација или враќање на животната средина во поранешната состојба.
река Брегалница потемнета од канализациски води во центарот на Делчево
Со законот ги лечиме последиците, а треба да превенираме, е ставот на Никола Јовановски од ЦПИА, кој низ податоци ја илустрира бледата реакција на институциите кон загадувачите. Во анализата на пресудите донесени во периодот од 2017 – 2021 година, на судскиот портал биле пронајдени вкупно 132 правосилни пресуди за делото „Загадување на животната средина и природата“, кое во Кривичниот законик е пропишано во членот 218 и спаѓа во редот на пропишаните кривични дела против животната средина и природата. За ова дело, предвидени се и затворски казни од три до десет години.
-Од тие 132 пресуди, 14 се ослободителни, 114 се осудителни и 4 одбиени. Од тие 114 осудителни 81 се со условни казни, 31 парична, една со казна затвор и една условна осуда со заштитен надзор. Од изречените парични казни 15 се во висина од 300-500 евра, 5 по 1000 евра, а сите останати се меѓу 600 и 800 евра. Прашањето е дали висината на казната е соодветна и дали за големите компании со голем профит ваквата казна од 1000 евра нешто им значи?!, вели Јовановски. Според него, во идните законски промени и предлози за подобрување на легислативата, треба да се размислува не само за зголемување на износите на паричните казни, туку и да се воведе забрана за вршење на дејност, бидејќи овие казни не се ефективни.
извор:Центар за правни истражувања и анализи
Оценката е дека судовите имаат толеранција кон загадувачите бидејќи правото за здрава животна средина е најмалку заштитено и непрепознаено. Иако, од 8 октомври 2021 година Советот за човекови права на ОН изгласа во групата на основни човекови права да го смести правото на чиста и здрава животна средина.
Во функција на подобрување на пристапот до еколошката правда, формирана е Платформа која ја сочинуваат вкупно 16 членови, односно назначените претставници од повеќе институции, организации и здруженија, како МАНУ, надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен инспекторат за животна средина, Центар за управување со кризи, а меѓу граѓанските организации се Милиеуконтакт Македонија, Еко свест, Фронт 21/42 и други.
Академик Владо Камбовски оценува дека досегашната пракса покажа дека институциите не можат да одговорат на се’ почестите барања на граѓаните. Камбовски смета дека моќта за промени треба да му се врати на граѓанинот, која сега е преземена од страна на политичарите. Еден од инструментите на остварување на таа правда, според академикот е како што вели јудицијализација на еколошката правда – отворање на директен простор за интервенција, пред се’ на судовите за заштита на животната средина, бидејќи правото за здрава животна средина е најмалку заштитено и непрепознаено.
-Ова имплицира формирање на концепт за еко-социјална држава и го отвора односот на поединецот, кој власта е должна да го заштитува тоа право. Не може при постоечката регулатива која не дозволува поднесување на тужба правдата да биде остварена се третира како неодбрането општо добро, кое се разграбува и може да се експлоатира, вели Камбовски.
Неговата оценка е дека промените треба да тргнат од Уставот, во делот на животната средина и да се внесат амандмани, за да се даде гаранција за здрава животна средина, додека граѓанските организации да инсистираат ефективна еколошка правда и таа да биде составен дел од реформите кои следуваат.
Од направената анализа на судското постапување со еколошките инциденти и дела, легитимно е прашањето на одговорноста на вршителите на кривични дела. Поголема заштита би се постигнало доколку и корпоративната еколошка кривична одговорност се земе предвид, бидејќи корпорациите се имаат покажано како едни од најголемите загадувачи во Републиката, оценува анализата. Академик Таки Фити темата загадување и посегнувањето по животната средина и природата ги става во економска рамка. Првата станица од која треба да се тргне е во економската пресметка на цената на загадувањето што ја прават компаниите, кои никогаш не го калкулираат трошокот на пример за пречистителна единица на водата на пример. Државата од друга страна во пресметката на БДП, не ги зема во предвид трошоците за заштита од деструкција на природата. Фити вели фирмите што загадуваат, трошоците не ги вкалкулираат во својата цена, туку ги поднесува општество. Поради тоа Академикот смета дека неопходна е владина, односно општествена регулатива.
-Преку административен пристап или ставање на норма колку една фирма може да загадува. Потоа воведување на еколошки даноци – логиката е дека фирмата може да загадува колку сака, но ќе плаќа повисоки даноци. Менаџерите во еден момент ќе сфатат дека не им се исплаќаат повисоките даноци. Принципот е загадувачот плаќа. Постепено да се воведуваат еколошки даноци. Во ЕУ има четири вида на еколошки даноци – енергетски, транспортен, за загадување и за ресурси. Тоа е значаен извор на средства за државата. Во ЕУ се собираат 370 милијарди евра (податок од 2017 година) или сите даноци изнесуваат 6% од БДП, кажа Таки Фити.
река Лакавица, притока на Брегалница
Сепак, клучно е прашањето дали парите од казни можат да ги надоместат непоправливите штети и девастацијата на природата? Дали штетните материи по здравјето на луѓето во водата која ја пијат што директно влегуваат од загадувачите може да се прифатат како нужно зло, само поради тоа што некој платил за тоа па ги испуштил.
Најилустративни се податоците, кои укажуваат дека Државниот инспекторат за животна средина нотирал инциденти, што ги забележал во својот извештај, но само неколку добиле разрешница.
извор: Извештај за 2020 година на Државниот инспекторат за животна средина
Реномираните правници сметаат дека неопходни се судии и обвинители, кои ќе бидат посензитивни на еколошката правда и нема да дозволат загадувачите да се извлечат лесно и ќе одговараат за стореното. Но, од друга страна, преку законски измени да се овозможи граѓаните лесно да можат да побараат органите да работат по секој сторен еколошки инцидент, по секое деградирање на природата. Ова особено е неопходно во време кога институциите бавно реагираат, а примерот со институционален одговор за еколошки инциденти на водните ресурси во Источна Македонија, особено низ примерот на река Брегалница, каде само еден инцидент стигна до суд, е доволна илустрација. Додека во исто време, се бројат последиците по здравјето на луѓето и живиот свет.
Сторијата е дел од проектот ,,Утопија? Бистри води зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.