Со македонската и бугарската химна пречекан Петков во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/22 9:26 AM

Со македонската и бугарската химна пречекан Петков во Скопје

Со највисоки државни и воени почести почна церемонијален пречек пред Владата на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков. Претходно бугарскиот премиер беше пречекан на скопскиот аеродром од страна на делегација предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Пред македонската Влада бугарската делегација ја пречекаа премиерот Димитар Ковачевски, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи и за транспорт и врски, Бујар Османи и Благој Бочварски, како и од членови на Канцеларијата на претседателот на Владата и на Министерството за надворешни работи.
Петков е придружуван од Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија и бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев. Во рамки на посетата Петков ќе се сретне со Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Како што е најавено, официјален дел од посетата на Петков е средбата и со лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски и Али Ахмети, лидерот на ДУИ, коалиционер во владата.