Медицинските науки на УГД атрактивни за завршените средношколци – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/18 6:27 AM

Медицинските науки на УГД атрактивни за завршените средношколци

Се повторува сликата од година во години со уписите на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. По завршувањето на првот уписен рок, најголем интерес има за медицинските науки. Вкупно 389 завршени средношколци се пријавиле за Факултетот за медицински науки и тоа 161 за  Општа медицина, 18 за Дентална медицина, 12 за Фармација. Изразен интерес има и Високата медицинска школа. Најголем број на пријавени има за струката медицинска сестра.

-Во моментов ќе се консултираат студентите за нивната втора и трета опција, која што во текот на денешниот и утрешниот ден ќе можат да се видат и на тие места. Се очекува и во вториот уписен рок да има голем интерес на Факултетот за медицински науки, бидејќи се очекува и еден поголем дел на студенти од Медицинскиот факултет во Скопје, кои ќе конкурираат на некои од слободните места на некои од студиските програми, вели Кире  Барбареев, проректор за настава.

Вкупно 1600 идни студенти се пријавите за факултетите што се дел од УГД. Покрај за медицинските науки, интерес има и за Информатика, Економскиот, Филолошкиот и Правниот факултет . На факултетот за туризам и бизнис логистика се пријавиле 280 кандидати, 130 на Информатика, 120 на Економскиот факултет.

-Интересот кога ќе се соберат сите бројки,  може да се каже дека сите факултети и центри на универзитетот ќе имаат пристојна бројка, соодветна за нормална работа и функционирање на факултетите, изајви Барбареев.

На УГД претстои  втор уписен рок од 14 до 17 септември. Примените студенти од првиот уписен рок  ќе се запишуваат на 13 и 14 септември.