На денешната седница на Уставниот суд е иницијативата поднесена од доскорешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој стана познат во јавноста по инспекциите во Државниот тетовски универзитет (ДУТ), каде утврди дека членови на Владата се и активни професори.
Во поднесената иницијатива Илиевски смета дека оспорените одредби од Законот за високото образование не биле во согласност со Уставот кој во членот 89 став 5 предвидува дека функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека има двојност на функција/професија која резултирала и во судир на интереси, состојба на судир меѓу јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице во кој приватниот интерес влијаел или можело да влијае врз извршувањето на неговите јавни овластувања и должности. Подносителот наведува дека оспорените законски одредби предизвикувале концентрација на моќ во една функција со што се дозволувал исклучок од забраната на корупција и судир на интереси. Оспорените одредби според подносителот не биле во согласност ниту со прифатените меѓународни договори, а со нивната примена не се зајакнува востановениот систем со кој би се спречиле корупција и судир на интереси.
Илиевски долго време беше во немилост на институциите, по што беше пензиониран. Меѓутоа, проблемот остана. Во актуелниот состав на новата влада има неколку министри со универзитетски бекграунд, вклучувајќи го и министерот за образование и наука.