Руски авиони ја нападнаа провинцијата Идлиб – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/18 2:43 PM

Руски авиони ја нападнаа провинцијата Идлиб

Денеска почнаа интензивни воздушни напади врз позициите на милитантите во сириската покраина Идлиб. Нападите ги почна сириското воено воздухопловство, а им се придружи и руската авијација.

Руските воени авиони извршиле 50 –на воздушни напади врз цели на милитантите во покраината, вака велат извештаите од активистите до Идлиб. Копнена офанзива се очекува во покраината веднаш по воздушните и артилериските напади.

Руските Воздушно-космички сили кои се наоѓаат во Сирија почнаа воздушна операција на бомбардирање на позициите под контрола на вооружените одреди на сириската опозиција кои се наоѓаат во провинцијата Идлиб на северозападот на Сирија, пренесува рускиот информативен портал „Интерфакс“ врз основа на извори од редовите на сириската опозиција.

„Три руски ловци-бомбардери, стационирани на просторот на воздухопловната база „Хмејмим“, изведоа најмалку 20 воздушни удари“, ги цитира порталот информациите до кои дојде од сириски опозиционери.

Нападите се изведени на подрачјето западно од градот Идлиб и северно од градот Хама. Покрај тоа, бомбардерите на руските Воздушно-космички сили се насочени и кон позициите на сириската опозиција која ги контролира градовите Џишр аш-Шугур, Бисенкул, Гани, Инеб, Сирманија па сѐ до реонот на населеното место Зејтун северно од градот Хама.

Засега сѐ уште нема податоци за ефектите на овие напади, поточно за тоа што сѐ е уништено, како и за бројот на евентуални жртви.