Преку лотарија како за американската зелена карта од февруари македонските граѓани ќе може да добијат термини за работна виза за Германија. На ваков начин се решава проблемот со постојаните барања од околу 20.000 на македонски граѓани, што секој месец се наоѓаат пред Амбасадата на Република Германија во Скопје. Годишно преку лотарија, системот во Берлин по случаен избор ќе доделува термини за 4750 работни визи, колку што е квотата за Македонија.
Оваа новина ја соопшти германската амбасадорка, Анке Холштајн, вели дека и лотаријата не е идеално решение. Меѓутоа, е поправеден систем за сите бидејќи во овој случај, исто така, не може некој да си најми агенција која понатаму ќе може да му побара терминот туку станува збор за избирање по случаен избор, односно принцип на лотарија на давање на термин.
-Пред пандемијата имавме листи на чекање околу 20.000 кандидати кои стоеја на тие листи и чека исклучително долго време. Потоа, минатото лето воведовме систем каде што на почетокот на месецот го отворавме системот каде што можеше да се аплицира за термин меѓутоа, системот се полнеше за неколку минути. Така што, не сакавме да се доведеме во ситуација, шанса да добие само оној кој брзински може и умее да пополни формулар на компјутер и за да можеме колку толку да направиме еден праведен систем, каде можеме да ги опслужиме граѓаните помеѓу многу големата побарувачка и малата понуда на термини, се одлучивме за еден систем на давање на термини за лотарија, по пример на американското давање на зелена карта преку лотарија. Така, сега постои можност, човек да се пријави, дека сака да добие термин, и потоа со процес на лотарија во Берлин се бира кој ќе го добие тој термин. Така што, процесот се случува многу далеку од Германската амбасада и на процесот никој не може да врши влијание, изјави амбасадорката Холштајн.
Од 2016 година постои можност за работа на неквалификувана работна сила во Германија, која што ќе направи договор за работа со одредена германска компанија, договор кој мора да го исполни условот за минимална плата. Поради тоа нагло порасна интересот за тие термини, како што вели амбасадорката Холштајн, многу многу поголема од она што тие можат да го понудат.
За целиот регион на Западен Балкан, квотата за работни договори е 27.000.
-Така што ако сметаме според бројот на население СМ има малку поголем процент и сметаме дека не можеме подобро од ова, објаснува амбасадорката Холштајн.
На интернет страната на Амбасадата на Германија се дадени инструкции за регистрацијата за термини за поднесување на види.
-Оваа прва листа ќе биде отворена за регистрации за одреден временски период (најверојатно 2 недели). Листата нема да се затвори, како досега, кога ќе се дојде до одредена бројка на регистрации. Наместо тоа, листата за регистрација ќе се затвори на одреден ден и од сите регистрации, компјутерски, по случаен избор по пат на лотарија ќе се избере кој ќе добие термин во март 2022 година. За точните податоци кога ќе се отвори листата, ќе информираме навреме на нашата веб-страна и преку нашиот Фејсбук профил. Лотаријата ќе се спроведе во германското Министерство за надворешни работи во Берлин под надзор од повеќе лица. Веднаш потоа, избраните лица ќе бидат известени од Амбасадата, кога ќе биде нивниот термин во следниот месец, соопштува Амбасадата.
При тоа, времето на регистрација не влијае во лотарискиот избор на лицето кое ќе добие термин.
Веќе подолго време владее вистински наплив за термини за добивање на работна виза во Германската амбасада. До февруари ќе биде актуелен системот на месечно отворање на системот за регистрација на термини за визи, кој според Амбасадата, се пополнуваше за само неколку минути, а „победници“ беа тие со „брзи прсти“.