Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги оцени како „јалови обиди на власта“ и „глупости“ информациите објавени од Викиликс во кои се наведува дека македонските власти уште во 2008 година, кога тој ја предводеше владата, го прифатиле името „Република Северна Македонија“.
„Ова се јалови обиди на власта, и веројатно ќе има уште многу вакви. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости. Јасно е зошто сум во суд и зошто ми се случува овој класичен политички прогон и тортура. Ако се согласев со Грците друга ќе беше песната, ја сум човек со принципи и достонство“, рече Груевски на прес-конференција во Собранието на Македонија.
Документот од Викиликс, од американската амбасада во Скопје со датум 29 јули 2008 објавен во грчкиот весник „Прото тема“ во кој тогашната амбасадорка на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ објаснува кои позиции би биле прифатливи за македонската страна, се причина за препукувања меѓу лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. Позициите на на македонската страна во јули 2008., според документот, биле Северна Македонија за името, македонски за јазикот и идентитетот.