Чернобилската ќе остане запаметена како најголемата еколошка катастрофа од поновата историја на човештвото. На 26 ти април 1986 година во Нуклеарната централа Чернобил експлодираше реакторот во Блокот 4, при што е регистрирано 400 пати повеќе радијација од атомската бомба фрлена над Хирошима.
Ваквата еколошка катастрофа во која човечкиот фактор беше пресуден, по една година односно на 8 ми јули 1987 година се најде на суд.
Шест поранешни функционери и техничари во нуклеарната централа беа обвинети за кршење на безбедносните прописи и предизвикување на најтешката нуклеарна несреќа во светот. Шефот на нуклеарната централа во Чернобил и двајца негови помошници беа осудени на 10 години во работен логор. Тие беа прогласени за виновни за грубо кршење на безбедносните прописи, создавајќи услови што доведоа до експлозија. Еколошката катастрофа со судска разрешница остави големи последици врз здравјето на луѓето. И после 35 години во градот Припјат каде се наоѓа Нуклеарната централа овој град е ненаселен поради сеуште големата радијација.
Доказен материјал и утврдена фактичка состојба се потребни за да еден случај со еколошка катастрофа заврши на суд
Ретки се случаите кога еколошките катастрофи завршуваат на суд, барем кај нас. Иако зборуваме за далеку помали еколошки катастрофи, тие имаат големи последици по здравјето на луѓето како и флората и фауната.
Колкав дел од еколошките катастрофи завршуваат на суд со судска разрешница во нашата земја, одговори се обидовме да добиеме од Државниот инспекторат за животна средна од каде велат дека Законот за инспекциски надзор, има опишани процедури за инспекциска постапка, како и прекршочни постапки. Генерално недостатоците се сведуваат на немањето на доказен материјал, кој треба благовремено да се земе и луѓето, односно инспекторите, кои треба да постапат.
Во правнички речник, за еден случај да заврши на суд, во постапката треба да има доказен материјал, како и утврдена фактичка состојба.
„Пред да дојде до правосудни органи некој предмет постои постапка за порамнување односно санкција-глоба со Платен налог. Доколку инспекторот утврди прекршок за кој е предвиден Платен налог изготвува таков налог и доколку сторителот во законски определен рок сака да го плати ќе плати само половина од сумата. Доколку не сака да го плати инспекторот покренува прекршочна постапка до Комисија за прекршоци при МЖСПП и таа одлучува во понатамошна постапка“, изјави в.д директорот на државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
За третата категорија прекршоци според Кривичниот законик предвидени се највисоките казни од 100.000 евра во денарска противвредност и за истите прво се изготвува записник за посредување и доколку не сака правниот субјект да оди на посредување со Комисијата за посредување при МЖСПП, тогаш предметот се испраќа до надлежен суд каде што е сторено делото и тој одлучува во понатамошна постапка. Доколку сака посредување Комисијата за посредување при МЖСПП одлучува за понатамошната постапка.
„Тие предмети што имале утврдена целосна фактичка документација се процесуирани како на пример за „Либерти“ – Скопје, „Маслодајна“ – Велес, „Техникал Текстајл“ – Штип“, вели в.д директорот Стојковски.
Општинските инспектори немаат овластување да земаат мостри
При земањето на мострите од загадените води, ниту еден инспектор на централно односно локално ниво нема право да зема мостри, велат од Инспекторатот. Ваквата постапка согласно законите ја вршат акредитирани лаборатории за животна средина со акредитација од Институтот за акредитација на РСМ, почитувајќи го меѓународниот станард ISO17025.
„Надлежностите на инспекторите на двете нивоа се поделени согласно законите и за одредени субјекти постапува Локален, за други постапува Државен инспектор за животна средина. Проблем е што голем дел од општините во РСМ немаат назначено инспектор во општината и неможат ефикасно да го спроведуваат законодавството за кое има надлежност, и тоа е нивен проблем и проблем на Инспекцискиот Совет кој координира со работата на инспекциските служби во целата држава за како ќе си ја организираат работата во иднина“, вели в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина.
Оттаму додаваат дека еден од проблемите е и немањето доволно лаборатории во државата за испитување во случаи со еколошки инциденти посебно за истечни води и воздух заради брза детекција и земање примероци.
„Очигледно треба да се бараат решенија за надминување на овие проблеми, се надеваме дека Државната Лабораторија во текот на 2022 ќе профункционира за одредени акредитирани методи за вода, воздух и бучава и ќе можеме да ги користиме нејзините услуги за побрзо и поефикасно спроведување на законодавството“, додава в.д. директорот Стојковски.
Во случај на еколошки инцидент во една општина, во зависност од дадената ситуација и утврдена првична состојба, како и од типот на правниот субјект за кој инспектор треба да излезе на терен, од Држаниот инспекторат за животна средина велат дека има поделеност на Државни и Општински инспектори за животна средина, додека за водостопаснтво и природа инспекторите се само на централно ниво.
Бројот на инспекциски надзори во текот на годината зависи од европската методологија за проценка на ризици
Источна Македонија кубури со инспекциски кадари, односно на овој реон функционираат само двајца државни инспектори за животна средина, но в.д директорот вели дека во следниот период ваквата слика може да се промени. Тоа зависи од европската методологија за проценка на ризици при планирање на број на инспекциски надзори во текот на годината.
„Во тек е прием на двајца советници-инспектори за животна средина за Куманово и Велес. Според бројот на правни субјекти во овој регион и со приемот на овие двајца инспектори со помош од раководителите на секторите за инспекциски надзор во животната средина и природата и водостопанство оваа бројка би била доволна, секако со прием на помлади инспектори за животна средина од 2023 година. За 2022 година се планирани тројца помлади инспектори за води и еден помлад испектор за природа и овие се само на државно ниво и ќе влезат во тренажен процес со постарите колеги за да се обезбеди ефикасно спроведување на законодавството“, вели в.д. директорот Стојковски.
Иако многу често сме сведоци на еколошки катастрофи, кои се сериозен проблем за здравјето на луѓето, како и по опстанокот на флората и фауната, многу ретко ваквите еколошки инциденти завршуваат на суд. Од Инспкеторатот велат дека се што е во делокругот на надлежност на ДИЖС, се водат уредно како инспекциски постапки и секаде каде имало утврдена фактичка ситуација од страна на инспектор кој согласно законот за инспекциски надзор е самостоен при водењето на постапките се покренати одредени постапки во рамки на инспекциската, прекрошочната односно кривичната постапка. В.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина вели дека инспекторатот заедно со Центарот за правни истражувања и анализи во рамки на платформата www.ekoloskapravda.mk е формирана посебна РГ за процесуирање на кривични дела во животната средина со цел посефикасна соработка со сите надлежни регулаторни институции.
„За прв пат еколошкиот криминал влегува во Националната стратегија за процена на ризиците од организираниот криминал која ја изработува Бирото за јавна Безбедност, а во изработката на делот за еколошки криминал ДИЖС учествувше со свој претставник. Исто така заедно со Здружението на јавни обвинители на РСМ ДИЖС веќе 4 години е дел од Европската мрежа на обвинители за животна средина и нашата цел е во сите 4 апелациони подрачја заедно со Академијата на судии и обвинители да се тренираат обвинители и судии за поквалитетно решавање на предмети од оваа област“, изјави Стојковски.
Еколошките здруженија за еколошките катастрофи
Еколошките здруженија и граѓански организации се многу гласни кога станува збор за еколошки катастрофи за кои причинител е самиот човек, кој дури и свесно ја предизвикува еколошката катастрофа без да се размисли пошироко на светот околу.
Конкретно за инцидентот со побелувањето реката Брегалница се води судски процеси, кој веќе една година не успеава да почне и стартот постојано се одлага. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека за сите еколошки катастрофи за кои биле информирани ги следат, особено дали соодветните органи ќе преземат потребни чекори.
„Во случајот со реката Брегалница имаше соодветен инспекциски тим кој излезе на терен и процедурата понатму можеме само да следиме како се спроведува. Во случаи во кои МЕД има капацитет да делува или да даде поддршка се обидуваме да го искомуницираме тоа и да соработуваме, но не секогаш имаме доволно познавања од темите на кои може да се случат еколошки катастрофи“, изјави Ненад Петровски од МЕД.
Дивите животни предмет на еколошка катастрофа и криминал
Петровски е координатор на проектите поврзани со проучување и заштита на мршојадците во Македонија. Тој зборува за малку поинаква еколошка катастрофа која што е од доменот на она што тој го работи, опстанокот на мршојадците како резултат на исхраната како нивна најголема закана. Односно користење на отров во природата.
„Речиси секоја година се соочуваме со инциденти каде доаѓа до акутно труење на овие птици, а во неколку наврати сме имале случаи каде бројот на отруени птици од една отровна мамка изнесувал и повеќе од 10, па дури и 20 индивидуи, а исто така и лисици, шакали и.т.н. Ова само по себе би рекол дека е некој вид на еколошка катастрофа бидејќи вакви настани доведуваат до потенцијални каскадни промени долж целиот синџир на исхрана и неизбежно и екосистемот. Имајќи на ум дека користењето отров во природата е кривично дело, во мојата работа често има потреба од повикување на државните органи надлежни за сузбивање на криминал како и инспекциските служби“, вели Петровски.
Иако тој нема исксутво со еколошките катастрофи во речните корита, зборува за една поинаква катастрофа, со труење на дивиот свет. Петровски вели дека досега ниту еден случај со отруено диво животно не стигнал до судско рочиште.
„До сега ниту еден случај со незаконско користење на отров во природата ниту пак за ниту едно отруено диво (без оглед дали заштитено или не) животно не стигнал до судско рочиште. Иако редовно се соочуваме со вакви случаи и кај повеќето случаи излагаат државните органи на терен за увид, се чини дека целиот процес запира кај јавното обвинителство. Без оглед колку докази се собрани при првичниот увид, речиси никогаш нема второстепена истрага или пак наредба од јавниот обвинител за подетален увид на околностите, распит, претрес и слично. Претпоставката е дека ваков тип на криминал не се смета како доволно сериозен и едноставно не стига на ред да биде соодветно истражен, веројатно и поради обемот на работа со други предмети кои едноставно котираат повисоко на „приоритетната листа” кај нашиот правосуден систем“, вели Петровски.
Што се однесува до квалитетна истрага на случаи поврзани со еколошки криминал, Петровски смета дека постојат неколку проблеми кои доведуваат до неадекватна реакција на инспекциските служби во однос на кривични дела против дивиот свет. Како што е неадекватна обука за спроведување квалитетна истрага на неконвенционални случаи, задоцнета реакција кај случаи настанати на места кои се пооддалечени од големите населени места. Смета дека ова се случува делумно поради недоволниот број на инспектори и/или недостиг на материјални ресурси, како и нејаснотии во надлежностите на државните органи.
Сторијата е дел од проектот ,,Утопија? Бистри води зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.