Голем интерес покажаа граѓаните за плаќање некој денар помалку за струја. Откако Владата на 11 јануари го објави огласот за субвенционирање на сметките за струја за 600, односно 800 денари на семејствата со ниски приходи, заклучно со вчерашниот ден или за една недела, во архивата на Министерството за економија пристигнале над 700 барања. Како што информираат од ова министерство за ММС, постојано доаѓаат по пошта нови барања и очекувањата се дека на адресата на Министерството сигурно ќе пристигнат над 7.000 барања за субвенции на струја од домаќинства со ниски примања додека трае огласот.
„Врз основа на критериумите за доделување на финансиска поддршка, се очекува дека околу 7.000 домаќинства со ниски примања ќе се стекнат со финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2022 година, преку намалување на месечната сметка во износ од 600, односно од 800 денари месечно, за времетраење од 12 месеци, сметано од јануари 2022 година“, ни изјавија од ова министерство. Додаваат дека, според Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2022 година, за финансиска поддршка на потрошувачи на енергија со ниски примања, во Буџетот се обезбедени 60 милиони денари.
Огласот ќе важи еден месец, односно отворен е до 10 февруари.
„Засега интересот е голем, но доколку има потреба, Министерството за економија ќе ја разгледа и можноста за продолжување на рокот за аплицирање“, велат од таму за ММС.
Според јавниот оглас, право на субвенција имаат самци со приход до 15.194 денари, двочлено домаќинство со приходи до 18.000 денари месечно, тричлено до 21.000 денари, со 4 члена и приходи до 25.000 денари и над пет члена и приходи до 30.000 денари.
Оваа мерка ќе почне да се применува од март годинава , а субвенциите-намалувањето за месеците јануари, февруари и март, ќе биде изразено во следната сметка за потрошена енергија (за април), стои во огласот. Односно, како што објаснуваат од Министерството за економија, во сметката за април ќе биде пресметаната вкупната сума за субвенциите дадени за првите три месеци од годинава. Или, ако е субвенцијата по 600 денари, значи вкупно 1.800 денари ќе се минусираат од сметката за струја за април. Тоа е така, велат од ова министерство, затоа што огласот трае 30 дена, до 10 февруари, а исто така и на ЕВН му треба вреем да ги подготви намалените суми на сметките. Тоа за голем дел од корисниците, самци кои не трошат многу за струја, ќе значи дека ќе бидат и во претплата еден месец.
Иако енергетската сиромаштија во земјава тесно се поврзува со социјалните семејства, се поголем е бројот и на групата граѓани кои поради високите цени на струјата, а ниските просечни плати, месечно издвојуваат по третина од приходите само за сметки за струја. Надлежните досега не ја проширија листата за давање субвенции и на овие групи, покрај ранливите.
Буџетски пари за енергетска сиромаштија во државава се издвојуваат од 2010 кога се исплаќаа по 600 денари за „енергетски сиромашните, потоа од 2015 година износот се зголеми на 800 денари месечно, а од 2017 тој изнесуваше по 1.000 денари за семејство, директно на трансакциска сметка.
За разлика од поранешниот период, со најновата владина одлука парите нема да легнуваат на сметка на корисникот (кој можеше да ги користи за што сака), туку директно ЕВН ќе му ги пресметува намалувањата од вкупната сума на сметка за струја.
Маја Томиќ