Не е на Северна Македонија да кажува дали има македонско малцинство во Бугарија, смета Маричиќ – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/22 1:54 PM

Не е на Северна Македонија да кажува дали има македонско малцинство во Бугарија, смета Маричиќ

Изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било од државите во регионот мислам не би било во овој момент продуктивно, ние се водиме од европски принципи и практики и тоа ќе остане така, тоа е наша уставна обврска, рече министерот Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Новиот вицепремиер за европски прашања рече останува праксата на немешање во внатрешните работи на други држави.

„И досега имавме пракса на немешање во внатрешните прашања на која било нашата соседна држава, а тоа е обврска од Уставот. Не е на Северна Македонија да кажува каде какво како малцинство има во некоја држава во регионот. Тоа е внатрешно прашање на сите држави, вклучувајќи ја и Бугарија. Секоја група луѓе или етничка заедница или политичка партија или здружение има право да си ги бара своите правата преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и преку Европската конвенција за заштита на човековите права. Во таа смисла изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било држава во регионот во овој момент не би било продуктивно. Ние се водиме од европските принципи и практики и така ќе остане. Тоа е наша уставна обврска“, рече Маричиќ.

А, бугарскиот премиер Кирил Петков кој утре доаѓа во Македонија во прва официјална посета, за националната телевизија во Софија истакна дека ниту тој ниту други владини функционери не разговарале со американската амбасада во Бугарија за признавање на македонско малцинство затоа што „нема такво малцинство и за такво малцинство не може да се зборува“.