Досегашниот министер за здравство Венко Филипче во денешното видео обраќање истакнува дека му било чест и задоволство во изминатите четири години да им служи на граѓаните заедно со кои, како што посочува, поминале многу во историски најтешкиот период за македонското здравство, а поддршката која ја добивале им давала сила да продолжат напред и да ја водат битката со пандемијата. Тој им се заблагодарува на неговите колеги здравствените работници.
-Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите кои ја препознавте посветеноста и трудот со кој работев, но и на оние кои добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму, вели Филипче.
Потенцира дека и покрај сите предизвици со глобалната ковид криза успеале да направат темелни промени во здравството и да реализираат инвестиции на кои, како што посочува, е навистина горд.
– Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40 отсто, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат, потенцира Филипче.
Тој посочува дека верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите, бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме, вели Филипче, за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани.
– Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат конечно достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, девет компјутерски томографи и седум магнетни резонанци. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство.
Тој вели дека е особено сум горд на вложувањето во здравјето на децата, а со нова апаратура по светски стандарди, но и посветеност и личен развој на колегите од Гинекологија, успеале да ја намалат новороденечката смртност за три пати. Малите борци кои се раѓаат порано, нагласува, сега имаат врвна нега и светски услови за раст и развој.
– Почитувани граѓани, пандемијата донесе многу неизвесност и тага оставајќи трајни последици и промени во нашите животи. Но, овој период ќе го паметиме и по убави нешта. Во екот на пандемијата ја изведовме првата успешна трансплантација на срце, а потоа изведовме уште пет со што е направен историски чекор во македонската кардиологија. За првпат направивме и трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител што е уште еден голем дострел на македонското здравство. Горд сум на сите посветени колеги кои почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување на пациенти со мозочно крварење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на Кардиохирургија, вели Филипче во видео обраќање.
извор: Фејсбук профил на Венко Филипче