„Добредојдовте претседателе“! – го пречека Заев новиот премиер Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/22 9:26 AM

„Добредојдовте претседателе“! – го пречека Заев новиот премиер Ковачевски

Со овие зборови досегашниот премиер Зоран Заев пред вратата на премиерскиот кабинет го пречека неговиот наследник и на партиската и на државната функција, Димитар Ковачевски, чиј мандат почна синоќа со изборот во Собрание. На денешното примопредавање на функцијата Заев во премиерскиот кабинет го праша Ковачевски за тоа како помина неговиот избор.

-Вчера беше убава дебата, два дена беше. Имаше доста аргументи од сите страни. Јас на крај се заблагодарив за поддршката и за критиките, одговори Ковачевски.

Уште на првиот работен ден, новиот премиер го очекува средба со германската министерка за Европа при Министерството за надворешни работи на Германија, Ана Лирман, која престојува во официјална посета. Во фокусот на разговорот ќе бидат билатералните односи меѓу двете земји, економско-политички прашања, како и европската перспектива. Веќе утре му доаѓа неговиот бугарски колега Кирил Петков, заедно со шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и министерот за транспорт Николај Сабев. Се очекува на оваа средба да се постават основите низ кои пет работни групи од двете земји, како основа за решение на спорот и деблокада на бугарското вето.

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе ги прими премиерот  Димитар Ковачевски и членовите на Владата.

Од друга страна Зоран Заев по пет години заминува од премиерската функција, но и од лидерското место во СДСМ. Заев најави дека останува активен член на неговата партија, но неговиот живот во перспектива ќе биде семејниот бизнис во Струмица.