Нема да дозволиме да минува булевар низ нашиот двор ако не ни платат – Семејството Рушити ја предупреди општина Тетово – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/22 2:50 PM

Нема да дозволиме да минува булевар низ нашиот двор ако не ни платат – Семејството Рушити ја предупреди општина Тетово

Шест години тетовското семејство Рушити чека дозвола за градба во својот двор и разврска околу обештетувањето на нивниот имот, каде треба да се продолжи булеварот булеварот Благоја Тоска.

Поставени се темели за изградба на нова куќа пред 3 години, откако претходните локалните власти ветиле дозвола која се уште не ја добиле, затоа и како што ни одговорија од семејството, не се продолжило со градежните активности.

Оттаму сметаат дека и сумата за обештетувањето на нивниот имот е многу мала. Со тие пари не можеме ниту едно станче да купиме, а даваме куќа во близина на центар на град и големо дворно место.

-Ние нема да отстапиме од нашите барања. Мора да ни дадат дозвола за градба и да не обештат со реална сума, како што ги обештетија нашите соседи. Ни нудат сума од 70 000 евра за куќата  која има двор од над 300 метри квадрати. Мора сумата да ја покачат. Ние еве 6 години преговараме. Претходната власт ни велеше ќе биде, ама еве ништо не бидна. Поради тоа предметот е на суд. Јас сум болен човек. Градежен работник сум, но пред некое време паднав од скеле, сега речиси и да не можам да работам. Со сопругата имаме четири деца, таа само нешто моментално приватно работи. Немаме пари на страна, само го имаме овој двор и куќа. Од парите од обештетување сакаме да изградиме куќа покрај самиот пат и тоа место е наше. Но, со таа сума не е можно да се изгради куќа. Сега се е поскапена и ни е криво толку голем двор и куќа за сума од 70 000 евра, вели Исмаил Рушити.

Од семејството Рушити, велат дека нема да отстапат од нивните барања. Ако не им се исполнат, нема во никој случај да дозволат да поминува булеварот низ нивниот двор.

Градоначалникот на  Тетово Биљал Касами, вели дека лично ќе разговара со семејството, за да се изнајде заедничко решение за што поскоро да се продолжи со градежните активности за пробивање на булеварот.

-Јас се надевам на пролет ќе се реши. Уште немам седнато со сопственците, да видам дали можеме да најдеме заедничко решение, но Секторот за урбанизам е ангажиран и чекам да достават извештај и се надевам дека тоа ќе се реши. Ќе седнам јас лично со сопствениците и ќе најдеме заеднички јазик. Проектот кој сега треба да се реализира е сегмент од Клиничката болница до средното техничко училиште, образложи градоначачалникот на Тетово Биљал Касами на пресс конференција.

Инаку пробивање на булеварот Благоја Тоска со што значително ќе се растовари сообраќајот во градот, се чека речиси две децении. Се работи за втора фаза од пробивањето на овој булевар, со пари обезбедени преку компанијата ТАВ, за кој Тетово доби 43 милиони денари .За реализација на овој проект претходно беа урнати 8 куќи, соседи на семејството Рушити.

Зоран Димовски