Голем број училишта во Гостивар не можат нормално да го водат воспитно образовниот процес, затоа што се без доволно наставен кадар. Во најлоша состојба се наоѓаат Гимназијата и Основното училиште „Исмаил Ќемали“, кои поради блокирани жиро сметки, не можат да си купат ниту средства за хигиена. На прес конференција од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар обвинија дека на голем број просветни работници не им биле продолжени договорите за работа иако ги исполнувале условите
Според гостиварската локална власт, учебната година почнала без пречки. Од општината информираа дека ќе се реши проблемот со блокираните жиро сметки, а до управите испратиле писмени дописи со препораки за постапување по ангажираните на определено време.
Инаку почетокот на учебната година во Гостивар беше неизвесен, затоа што голем број училишта беа исклучени од струја порад долгови, кои беа подмирени на крајот од месец август.
Проблемите во образованието се појавија откако Министерството за образование, му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Гостивар Таравари. Тој повеќе пати обвини дека образованието во градот е централизирано и затоа е во ваква состојба.
Раководствата на училиштата пак поставени директно од владата, претежно кадри на ДУИ, упатија критики до првиот човек на Гостивар, кој според нив го кочи нормалниот тек на воспитно образовниот процес, затоа што не го продолжува договорите за работа на просветните работници и не ги префрла блок дотациите од владата наменети за училиштата.