Легендарниот брод Титаник, ќе добие наследник: Титаник II – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/22 1:21 PM

Легендарниот брод Титаник, ќе добие наследник: Титаник II

Најпознатиот брод Титаник, го добива својот наследник, кој наскоро треба да исплови на првото патување. Бродот, кој е речиси идентична копија на оригиналниот Титаник, моментално се гради во Кина и неговото лансирање се очекува оваа година. Титаник II ќе го започне патувањето од Дубаи, а првите патници ќе ги земе во Саутемптон, Англија. Бродот ќе го направи повторно истото патување на познатиот оригинал и ќе стигне до Њујорк, преку Атлантикот.
Иако е направен според моделот на оригиналот од 1912 година, тој ќе има неколку значајни разлики. Ќе може да превезува повеќе патници, до 2.400 луѓе и 900 членови на екипажот, а исто така е за четири метри подолг, за да ги исполни современите стандарди и да ја зголеми стабилноста. Новата верзија е опремена и со модерни системи за навигација и безбедност и детални планови за евакуација.
Основач на идејата да се изгради наследник на познатиот брод, е австралискиот милионер Клајв Палмер. Во 2012 година тој ја основал бродската компанија Blue Star Line за да ја реализира својата идеја.

Трошоците за изградба на бродот ќе бидат околу 500 милиони долари, а првично беше планирано тој да исплови во 2016 година. Но, поради финансиски проблеми, патувањето беше одложено за 2018 година, а сега првото поаѓање се очекува до крајот на оваа година.

Оригиналниот Титаник исплови на своето прво патување од Саутемптон, Англија до Њујорк, на 10 април 1912 година. Во тоа време, тоа беше најголемиот патнички брод во светот. На 14 април околу полноќ удри во санта мраз и потона за помалку од три часа. Според извештајот на Сенатот на САД за катастрофата во Титаник, при тоа загинале 1.517 луѓе од 2.223 патници и членови на екипажот.

извор и фото: Index.hr