Намалувањето на аерозагадувањето и заштита на шумите и водите се приоритети за животна средина – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/22 2:07 PM

Намалувањето на аерозагадувањето и заштита на шумите и водите се приоритети за животна средина

Да се намали аерозагадувањето, да постои интегриран систем за управување со отпадот и ригорозна контрола врз индустријата, да се подобри квалитетот на водите, заштитата на шумите и биодиверзитетот, да се создадат одржливи системи за производство на храна и да се преземе поголема климатска акција, се дел од приоритетите кои беа нотирани на денешната јавната дискусија во врска со изработката на Рамката за развој #МКД2030 во областа на животната средина, процес кој го води претседателот Стево Пендаровски.

Приоритетните области во кои треба засилено да се работи, како што беше истакнато на дискусијата, се климатските промени, циркуларната економија, квалитетот на воздухот. управувањето со отпадот и со водите, индустриското загадување, почвата и одржливите системи за храна, заштитата на природата, биолошката разновидност и шумарството.

– Меѓу целите и приоритетите кои треба да се постигнат се намалувањето на загадувачките материи во воздухот во рамки на националните гранични вредности и воспоставувањето мониторинг станици кои постојано ќе работат. Потребно е сите јавни објекти да се греат на незагадувачки начин, за домаќинствата да има повеќе можности за енергетска независност и продажба на вишокот струја и да се зголеми обемот на урбаното зеленило, нагласија говорниците.

До 2030 година, според нив, треба да се воведе интегриран систем за управување со отпадот низ целата држава, да има можности за компостирање, селектирање, рециклирање и реупотреба на отпадот, како и негово искористување за добивање енергија.

– Меѓу целите и приоритетите во животната средина се и оние за намалување на загаденоста на реките и езерата, укинување на повластените тарифи за енергија од малите хидроцентрали и подобрување на мониторинг мрежата за квантитет и квалитет на водите, беше нагласено при дискусијата.

Познавачите на состојбите велат дека е потребна трансформација на индустријата за да се намалат емисиите на стакленички гасови и целосно да се третираат отпадните води пред да се испуштат, како и да се реши историското загадување на жешките еколошки точки по државата

– Треба да се запре губењето на биодиверзитетот и да се заштитат природните живеалишта и вредности, а 30 проценти од територијата да се прогласи за заштитени подрачја, наведоа говорниците на дискусијата.

Стручњаците сметаат дека е неопходно да се донесе Закон за климатска акција, фосилните горива да се заменат со обновливи извори на енергија, да се отвораат зелени работни места, да се воведе образование за климатски промени и да се спроведуваат кампањи за промена на свеста и навиките.

Претседателот Пендаровски на дискусијата потенцираше дека токму сега е вистинското време да го преосмислиме економски концепт за развој, да ги преосмислиме постулатите за нашиот економски-социјален човечки раст и развој и да изградиме долгорочна визија и конкретен план за тоа каде сакаме да бидеме за десет, дваесет или триесет години.

– Кога зборуваме за животната средина и одржливиот развој се отвораат повеќе прашања, од загаденоста на воздухот, водата и почвата, до управувањето и еколошката преработка на отпадот, правилно управување со природните ресурси, инвестирањето во заштитените подрачја, воспоставување и одржување еколошки стандарди во индустријата, зачувување на биодиверзитетот. Исто така не смееме да заборавиме дека аграрните политики кои ги развиваме како држава директно влијаат на животната средина и одржливиот развој. Во таа насока и инвестирањето во одржливи системи за производство на храна и земјоделски практики кои ја зголемуваат продуктивноста влијаат за подобра или полоша животна средина, нагласи претседателот.

Јавната дискусија ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамките на неговата кампања „Разбистри сè”, која е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

МИА

фото: Кабинет на претседател