Ѕанакопулос: Договорот од Преспа е симбол на пријателството на народите – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/18 1:14 PM

Ѕанакопулос: Договорот од Преспа е симбол на пријателството на народите

Договорот од Преспа е од историски карактер, симбол на пријателството на народите и целосно ја менува сликата на Балканот, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „247“.

Одговарајќи на прашањето дали Владата, поради закажаните протести за сабота во Солун и евентуалната масовност, би можела одново да го разгледа Договорот, Ѕанакопулос вели дека Владата ги слуша и ги почитува несогласувањата, реакциите, протестите, „но не постои никаква можност, под никакви околности да ги промени веќе донесените политички одлуки“.

– Мислам дека Договорот со поранешната југословенска Република Македонија е од историски карактер, симбол на пријателството на народите и за начинот на кој треба да се решаваат билатералните и меѓународните спорови. И мислам дека се повеќе луѓе, како што поминува времето, ја разбираат оваа посебност на Договорот, вели Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, уште еднаш изрази убеденост дека Договорот ќе добие широко мнозинство во грчкиот Парламент.

– Веќе постојат доста политички сили и Река, но и доста пратеници од Движење на промена, кои имаат кажано дека ќе задржат позиција заснована на принципи.  Според тоа, позитивно ќе гласаат за Договорот. И ова е за почитување. Па така, апсолутно немам никаква загриженост дека ќе успееме да имаме едно доста широко мнозинство во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот со ПЈРМ, објаснува Ѕанакопулос во интервјуто за грчкото радио.