Парно ќе има од 5 часот наутро до 1 часот после полноќ-ЕСМ ќе откупува дополнително струја од ТЕ-ТО, одлучи Владата – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/22 3:51 PM

Парно ќе има од 5 часот наутро до 1 часот после полноќ-ЕСМ ќе откупува дополнително струја од ТЕ-ТО, одлучи Владата

Дополнителните количества на електрична енергија ќе се обезбедат од домашно производство, односно од ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ, со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.

Дополнителните количини на струја ќе ги откупува АД „Електрани на Северна Македонија” Скопје, со сопствени средства, при максимална цена од 170 евра по мгвч.

Ова ќе важи за периодот од 13 јануари, до 31 јануари годинава.

Тоа го соопшти Владата по денешната седница, на која донесе Одлука за преземање на мерка за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

„Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје и, во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.