Ги молам сите да ми помогнат колку можат, раскажа со болка во душата, Стево Петров, домаќин на оштетениот манастир Свети Ѓорѓи во битолско – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/22 7:00 PM

Ги молам сите да ми помогнат колку можат, раскажа со болка во душата, Стево Петров, домаќин на оштетениот манастир Свети Ѓорѓи во битолско

Паднати икони, оштетени фрески, пукнатини во фасадата, олтар полн со паднат малтер. Ваква е сликата во манастирот Свети Ѓорѓи во Велушина после серијата земјотреси во овој регион. Тој се наоѓа во непосредна близина на македонско-грчката граница, многу блиску до епицентарот на земјотресите.

Домаќинот на манастирот, Стево Петров, вели дека со збор не се опишува она што го доживеале на 9 јануари вечерта. Тој ден имал гости во манастирот бидејќи му било именден, а откако заминале, заедно со сопругата легнале да одморат.

-Наеднаш збучи, згрми, се затресе цел манастир. Почна да паѓа се, нешто страшно беше. Избегавме, не знаевме каде да одиме. Бевме кај камбанаријата, таа уште повеќе се стресеше и се нишаше, после удар за удар, до сабајлето надвор седевме од страв. Свети Ѓорѓи по втор пат ме искуши, на 1 декември ставив стент, ова е уште едно искушение. Добар сум, но стравот постои, раскажува чичко Стево.

Земјотресот направи штета внатре во црквата.

-Во олтарот има оштетени икони, фреските се оштетени, фасадата, камбанаријата е е многу оштетена, не можам да ја бијам дури не се обнови, ќе падне за брзо време, ако дувне некој силен ветер. Во конакот собите се оштетени, сношти од земјотресот падна западниот ѕид од конакот, кај фреската на Свети Ѓорѓи. Уште ќе се распаѓа. Ништо не можам сам да направам, ги молам сите луѓе, верници, кој колку може и со што може да дојде, да помогне. Малку еден кураж да ми дадат, поткрепа, вели чичко Стево и низ солзи и болка во душата вели:

-Се ќе помине, за свети Ѓорѓи отсега ги повикувам сите да дојдат, ќе биде се во ред. Манастирот е мојата душа, тука живеам, тука создавам, ќе се направи, пак да имаме крштевки, венчавки, па дури и покојни, тоа е нормално.

Денес манастирот го посети и екипа конзерватори од Завод и музеј Битола. После увидот и утврдувањето на штетата, ќе се преземат конкретни активности, прво она што е итно.

– Се надевам дека ќе можат да се добијат интервентни средства за да се направи превентивна заштита, онаму каде е итно, ќе мора итно да се заштити, рече Оливера Макриевска, советник конзерватор.

Домаќинот на манастирот, чичко Стево, се надева дека ќе се преземе нешто за манастирот во скоро време бидејќи е опасно за сите, за верниците, но и за нив.

-Спиеме два дена во автомобилот на паркингот, спремни со ќебиња, храна, спремни за бегање. Немаме спиено во конакот, како да спиеме на тоа тресење. А имам и животни тука, не можам да си заминам и да ги оставам, вели тој.

Манастирот е под заштита на Завод и музеј Битола и и припаѓа на Преспанско-пелагониската епархија. Датира од 1839 година. Но не е само културно-историското значење. Погледот кон Пелагонија од овој манастир едноставно е мелем за очите.

Текст и фото: Маја Богоевска