Количината храна која се фрла може да нахрани 26 000 македонски граѓани годишно – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/18 8:51 AM

Количината храна која се фрла може да нахрани 26 000 македонски граѓани годишно

Околу 12 000 тони храна годишно во Македонија завршуваат како отпад. Вредноста на оваа вишок храна се проценува на најмалку 11, 6 милиони евра – сума која би можела да се искористи како нова програма за социјална заштита, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Според ваквите податоци, доколку не се фрла, оваа количина храна би била доволна за да се обезбедат по три оброци дневно за 26 000 граѓани во земјава.

Со цел да ја зголеми свеста за проблемот со недостиг на храна со кој се соочуваат многу граѓани, невладиниот сектор организира хуманитарна акција за собирање храна насловена „Нахрани 10.000″. Акцијата ја организираат граѓанската  иницијатива „Мрдни со прст” , мрежата „Сите сити” и Асоцијацијата „Ајде Македонија”, од каде посочуваат дека 33 пунктови за донации в четврток ќе бидат поставени поставени низ Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница.

Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна, која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Организациите членки на „Сите сити” информираат дека донираната храна ќе се пренесува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, дел ќе се носи до нивните домови. Податоците со кои располагаат организаторите за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Заводот за статистика во однос на просечни примања по 4-члено семејство во Македонија. Кога ќе се распредели во денови и оброци, а притоа се спореди со цената на чинење на еден нутритивен оброк определена од Министерство за труд и социјална политика, 1 од 5 луѓе во Македонија не може да си ги дозволи сите оброка во текот на една година.

Според најновата студија на „Програмата на Обединетите Нации за животна средина” (УНЕП), една третина од произведената храна во светот или околу 1.3 милијарди тони завршува како отпад.

Македонија и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, не се разликува од трендовите во развиените земји на фрлање храна. Околу 30 проценти од храната произведена или увезена во Македонија, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите.

Покрај тоа што сме држава која се соочува со висока стапка на сиромаштија и социјална несигурност, според „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации” (ФАО), ние сме рангирани на осмото место во светски рамки по количина на фрлена храна според бројот на жители.