Над 500.000 евра за струја должи ЈП „Исар“, поради што компанијата добавувач го раскинала договорот. Најголемиот дел од долгот е за потрошена струја за работа на рени – бунарите, преку кои со вода за пиење се снабдуваат штипјани. По оваа разврска, граѓаните нема да останат без вода, но управната зграда би можела да остане без струја.
Сега ЈП „Исар“, поради ургентната состојба во која се најде, привремено се приклучи на мрежата на ЕВН Хоум, но одовде струја ќе може да зема само 90 дена. Во следниот период претпријатието ќе распише нова постапка за друг добавувач, но директорот Трајче Здравков вели прашање е дали со моменталните цени, воопшто ќе се јави некој од приватните добавувачи.
Доколку не се јави никој, треба да побараат од Бирото за јавни набавки дозвола да одат на директно преговарање со некој приватните добавувачи.
Според новите цени, претпријатието ќе плаќа минимум четири пати повисока цена на струјата од онаа што ја плаќале досега.
– Ако досега сме плаќале четири или 4,5 милиони денари, сметката за јануари ќе биде минимум 15 милиони денари, вели директорот Здравков.
Освен овој долг кој добавувачот на струја, претпријатието пет години не плаќало ниту денар за кредит кој го има земено пред 20 години. На почетокот на минатата година бил склучен договор секој месец претпријатието да плаќа по 3,7 милиони денари, што според директорот е преголем товар дури и за многу финансиски постабилни претпријатија.
– Излегува дека изминатите години претпријатието функционирало на грејс период, некој склучувал договори, трошел, а сега доаѓа долгот да се плаќа, вели Здравков.
Тој е категоричен дека претпријатието отсега ќе работи одговорно и ќе се труди максимално да одговори на главните дејности – навремено водоснабдување, редовно чистење на сметот и одржување на зелените површини.
Штип инаку се уште ги чека анализите за пуштање на водата од ХС Злетовица. Сега се чекаат одговори од анализите од ИЈЗ во Скопје, а потоа треба од АХВ да добијат дозвола за да се пушти водата. Претпријатието по сите дозволи е спремно и технички и со обучен персонал, да ја прими водата од Злетовица.
– Доколку бидеме на таа вода од ХС Злетовица, трошоците за струја според нашите анализи по оваа висока цена би биле исти како претходно кога немаше енергетска криза. Доколку се намали цената на струјата пак, претпријатието ќе плаќа драстично помала цена, вели Здравков.
Од СДСМ по пресот на Здравков реагираа дека директорот има намера само да се жали за ситуацијата и да бара помош од власта, но оти претпријатието кога тие дошле на власт во 2017 било во далеку полоша финансиска, но и општа состојба.
– Долгот за струја беше над 25 мил денари. Тоа што не знаат да ги сервисираат долговите, нека не се користи како алиби, а раскинувањето на договорот од снабдувачот не е само по тој основ. Едноставно, треба да преземат активности за да се справат со енергетската криза, велат од СДСМ.