Расте бројот на Бугари кои сметаат дека Македонија треба да биде членка на ЕУ, според анкетата на БНТ – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/22 11:11 AM

Расте бројот на Бугари кои сметаат дека Македонија треба да биде членка на ЕУ, според анкетата на БНТ

Расте процентот на граѓани во Бугарија кои сметаат дека треба да се каже „да” за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ и без претходен договор за отворените прашања. Ова е мислењето на 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од Алфа Рисрч презентирано за време на познатата неделна коментаторска емисија „Референдум” на Бугарската национална телевизија посветена на бугарско-македонските односи.

Според анкетата, речиси 61 отсто од бугарските граѓани сметаат дека Република Северна Македонија треба да стане членка на Европската унија. Во одговор на прашањето – кој е фундаменталниот интерес на Бугарија за членство на РСМ во ЕУ, ако се остават настрана спорните прашања, 60,9 отсто од Бугарите се изјасниле дека земјата треба да стане членка на Унијата, наспроти 32,2 отсто од испитаниците кои се изјасниле дека С. Македонија не треба да стане членка на ЕУ.

На прашањето – дали Бугарија треба да каже „да” на почетокот на преговорите во Северна Македонија без да се постигне договор за отворените прашања, со „да” одговориле 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на одговорите дадени во анкетата во ноември 2020 година, кога 16,9 отсто одговориле потврдно. Од анкетираните, 69 отсто сметаат дека не треба да се дозволат преговори без да се решат отворените прашања. Во ноември 2020 година, овој сооднос изнесуваше 81,1 отсто.

Мнозинството од анкетираните, како и бугарскиот премиер Кирил Петков, веруваат дека сегашните позиции на владите треба да се надградат. Анкетата на Алфа Рисрч, исто така покажа дека 61,9 отсто од испитаниците веруваат дека новите влади на Бугарија и Северна Македонија треба да ги задржат своите сегашни позиции, но и да ги надградат за да ги деблокираат преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Од испитаниците 12,4 отсто сметаат дека треба да се зачуваат сегашните позиции, а 25,7 отсто се со став дека треба да се изградат целосно нови позиции.

МИА