Министерството за здравство соопшти дека членовите на Комисијата за заразни болести на денешниот состанок дискутираа за повеќе предлог мерки, за кои дополнително ќе се донесат одлуки и заклучоци во наредните денови.
На Комисијата, како што се посочува, се разгледува предлогот за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се со асимптоматски случаи. За овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во следните денови.
На денешниот состанок Комисијата ја разгледуваше и можноста за промена на датумот на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква ќе е епидемилошката состојба во државата.
Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука, информираат од Министерството за здравство.