Не е исполнето над 44 отсто од ветеното на Владата во економијата и социјалата, стои во Извештајот на „Фајненс тинк“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/22 11:14 AM

Не е исполнето над 44 отсто од ветеното на Владата во економијата и социјалата, стои во Извештајот на „Фајненс тинк“

Пет ветувања од Програмата на Владата 2020-2024 се исполнети, четири се во фаза на исполнување, а 12 ветувања се во спротивна насока од ветената, покажува најновиот извештај „Големи економски ветувања, големи потфрлања“ на „Фајненс тинк“.
„Скоро половина, односно 44,4 проценти од дадените ветувања во економско-социјалниот домен, моментално се остваруваат во насока спротивна од даденото ветување“, стои во Извештајот.

Според него, причините за оваа состојба се нереалистичното поставување на целоте, имајќи предвид дека економијата е во криза од пандемијата, како и поставување на цели кои може да го нарушат пазарот или да блокираат неразумно големи буџетски средства, за да може да се реализира ветувањето.
Како исполнети ветувања се посочуваат намалувањето на стапката на ДДВ за ресторански
услуги на 10 проценти, на занаетчиските услуги на 5 проценти, подигнувањето на регистрацискиот праг за ДДВ на три милиони денари и незголемувањето на стапката на данокот на добивка. Остварено е и ветувањето за намалување на сивата економија, при што таргетот од 14 проценти во 2024 година, веќе е постигнат во 2020 година, кога овој процент изнесува 13,6 проценти.
Две ветувања или 7,4 проценти не се исполнети. Тоа е намалувањето на персоналниот данок на доход во ИТ индустријата до 0 проценти во 2023 година, како и зголемувањето на минималната пензија на 10.700 денари во 2021 година.
Четири ветувања или 14,8 проценти се во насока на исполнување, тие се за одржлив и инклузивен раст од четири проценти, странски директни инвестиции до милијарда евра до 2024, зголемување на извозот до осум милијарди евра во 2024 година и пораст на просечната плата за 20-30 проценти до 2024.
Дванаесет ветувања или 44,4 проценти се во насока спротивна од ветената.

Тука спаѓаат ветувањата поврзани со инвестициите, како зголемувањето на обемот на капиталните инвестиции до 2,2 милијарди евра и на обемот на инвестициите во патишта до 2 милијарди евра во 2024 година и зголемувањето на приватните домашни инвестиции за 1,2 милијарди годишно.
Во делот на ветувања кои одат во спротивна насока, се посочуваат зголемување на продуктивноста,  бројот на фирми, намалувањето на невработеноста до едноцифрена
стапка, поголемата вработеност на младите, намалувањето на неактивноста, зголемувањето на вработеноста на жените, како и ветувањето за растот на минималната плата.
„Иако минималната плата забележа солиден раст и во текот на пандемијата, под влијание на
законското усогласување со растот на БДП, платите и цените, сепак нејзиниот раст е недоволен за да го испорача даденото ветување“, се вели во Извештајот.