Во тек е пријавувањето за првите награди за е-трговија организирани од АЕТМ – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/22 11:28 AM

Во тек е пријавувањето за првите награди за е-трговија организирани од АЕТМ

За да ја препознае успешната работа на македонските е-трговци како и да поттикне што повеќе компании да се вклучат во е-трговцијата и да го унапредат своето работење, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ги организира првите награди за е-трговија Ecommerce Awards. Пријавувањето на е-трговците кое е бесплатно веќе започна и ќе трае до 12ти јануари. Од Асоцијацијата за е-трговија велат дека иако пријавувањето е отворено само неколку дена, до сега има голем интерес од страна на е-трговците и на официјалната веб страница на натпреварот има пристигнато голем број на пријави од македонските е-трговци.

“Е-трговијата за време на панедмијата не претставуваше избор туку неопходност – граѓаните мораа да ги зајакнат своите дигитални вештини во услови на забрани за движење со цел да стигнат безбедно до производи и услуги, а компаниите мораа да се адаптираат со цел да компензираат за падот на физичките локации, да стигнат до нови клиенти и да го одржат својот бизнис. Едноставно е-трговијата одигра исклучителна улога. Понудата во е-трговија значајно се зголеми, многу компании отворија е-продавници или се приклучија кон постојни маркетплес платформи со цел да ги пласираат своите производи и услуги онлајн, а голем дел од постојните инвестираа во унапредување на процесите и работењето. Колку што претставуваше можност оваа состојба за е-трговијата, толку претставуваше и предизвик за комапниите кои вложија труд и напори и со тоа придонесова и за унапредување на македонската е-трговија. Структурата на онлајн трансакции значајно се промени во полза на домашните е-трговци. Првите награди во е-трговија ‘Ecommerce Awards’ ќе ги препознаат овие напори на е-трговците, ќе ја промовираат  е-трговијата, а ќе влијаат и на зголемување на конкурентноста меѓу бизнисите за е-трговија. Со големо задоволство го организираме овој натпревар за да ги избереме и наградиме најдобрите кои со својата работа придонесуваат во унапредување на македонската е-трговијата“. – вели д-р Нина Ангеловска, Претседател на АЕТМ.

Најдобрите е-трговци ќе се одбираат во 18 категории поделени во три секции: Шампиони во е-трговија, Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање и Најдобри е-продавници по сектори. Помеѓу категориите се: “Најпопуларна е-продавница”, “Е-продавница на годината за облека и обувки”, “Е-продавница на годината за бела техника и електроника”, “Мобилна апликација за онлајн шопинг на годината” и др., а главната награда е резервирана за категоријата “Е-трговец на годината”.

“По затворање на рокот за пријавување, сите пријави ќе бидат внимателно проверени и оние кои ги исполнуваат условите на натпреварот ќе бидат објавени на 21ви јануари на Листата на номинирани во соодветните категории на официјалната веб страна на ‘Ecommerce Awards’” – изјави Ива Марковска, Проектен менаџер на Ecommerce Awards​ во АЕТМ.

По објавувањето на номинираните е-трговици ќе следи гласање од јавноста кое ќе трае до 10ти февруари, како и гласање од жири комисијата составена од стручни лица кои се внимателно одбрани за да ги изберат најдобрите е-трговци.

Иницијативата “E-commerce Awards” е поддржана од Мастеркард како генерален партнер и од Германското друштво за меѓународна соработка GIZ како главен поддржувач, а дополнително заинтересираните компании кои сакаат да придонесат во организацијата на оваа иницијатива ќе имаат можност да се вклучат како поддржувачи.

АЕТМ ги поканува сите учесници во македонската е-трговија, да го заземат своето место на првите Ecommerce Awards со нивна пријава на овој линк и да станат дел од традицијата со која онлајн трговијата во нашата држава значително ќе напредува. Повеќе детали за натпреварот може да погледнете на официјалната веб страница: https://ecommerceawards.mk/.