Само 2,5 отсто од вкупните кредити на банките се за „зелени“ проекти – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/22 10:52 AM

Само 2,5 отсто од вкупните кредити на банките се за „зелени“ проекти

Учеството на „зелените“ кредити кај домашните банки е сѐ уште на ниско ниво, или тие се само 2,5 проценти од вкупните кредити. Околу четвртина од овие кредити се финансирани преку наменски кредитни линии од меѓународните финансиски институции.

Ова го изјави гуварнерката на НБРСМ, Анита Ангеловска Бежоска во интервју за „Марили“. Според неа, охрабруваат податоците од анкетите на Народната банка, според кои околу 70 проценти од банките одобруваат кредити за проекти што имаат позитивно влијание врз животната средина, 43 проценти имаат воспоставено и формален систем на идентификување „зелени“ проекти, а учеството на „зелените“ кредити иако е мало, сепак има тренд на раст.

Од годинава Централната банка ќе постави редовен систем на прибирање податоци за „зелено“ финансирање кај банките, а ќе се спроведе и анкета за свесноста од ризиците од климатски промени и за тоа дали планираат нови производи во ова финансирање.

Според анкетните истражувања спроведени во 2021 година, 63 проценти од централните банки во светот ги гледаат „зелените“ финансии како дел од нивното работење, за разлика од 46 проценти во 2017 година.

МИА