Активистите бараат гасоводот да не минува низ заштитена парк шума – надлежните ги образложуваат придобивките од гасификацијата – ММС
ММС

Објавено на: 09/3/18 12:36 PM

Активистите бараат гасоводот да не минува низ заштитена парк шума – надлежните ги образложуваат придобивките од гасификацијата

Која е придобивката од гасводот ако тој минува низ заштитена парк шума – ова прашање денеска до надлежните го упатија активистите кои дојдоа на дебатата што ја организира Град Скопје. Активистиката Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, смета дека гасоводот е добробит, но не може да се одземе воздухот од Град Скопје за да се обезбеди воздух за другите градови.

„Не  знам зошто толкав отпор се јавува во Владата дека ова е единствен начин. Ако е така, тогаш дајте и презентирајте ни зошто е тоа така“, додаде Стојановска.

Министерот за економија, Крешник Бектеши потенцираше дека веќе е изработена физибилити студија, но нема да може да се  овозможи природен гас за и на домаќинствата, институциите  и за компаниите доколку нема примарна гасоводна мрежа

„Сакам да споделам со јавноста што покажува студијата. Стан од 80 метри квадратни кој се грее на парно, ќе има наналување на трошоците за 24%. Ако се грее на струја ќе заштеди 35 %. Доколку го користи екстра лесното масло како енергенс за греење ќе заштеди 54 %“.

Активистот Андреј Јанков потенцираше дека тие не се против гасфикацијата, туку бараат ревизија на проектот:

„На кој начин ние ја спречуваме гасификацијата? Ние бараме  гасоводната мрежа да не минува низ заштени подрачја. Сметаме дека постојат подобри решенија, може да се разгледа некоја траса која би водела по северна обиколница, која би се симнала по Скопска Црна Гора.Ние бараме да не се оди по заштитено подрачје јасно и гласно“.

Пред да започне дебатата во 13 часот, иницијативата „Го сакам Водно“ испрати соопштение со кое повторно побара соочување со надлежните на  некоја од националните телевизии.