Владата ги задолжи институциите од своите буџети да издвојат средства и веднаш да ги платат долговите кон добавувачите на струја, а им дозволи за таа цел, ако треба, да направат и пренамена на буџетските пари.
Ова го објави Владата на својата фејсбук страница, во која стои дека оваа одлука е со цел да се реализираат мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
„Владата ги донесе Одлуката за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со Буџетот, како и Одлуката за одобрување на тие средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година. Дополнително, ги задолжи сите институции во надлежност на извршната власт од сопствените буџетски сметки и програми предвидени за набавка на електрична енергија, веднаш да ги исплатат долговите кон добавувачите на струја и одобри да се изврши пренамена на средства од други буџетски ставки каде што има неискористени средства за исплата на долговите за кон добавувачите на електрична енергија“, пишува на страницата.
Овие одлуки, како и препораките до институциите на локалната самоуправа, до Собранието и до Канцеларијата на Претседателот на државата, имаат за цел да го помогнат снабдувањето со електрична енергија кое се остварува преку комерцијалните добавувачи.
За заштита на ранливите потрошувачи Владата ги предвиде следните мерки: директна финансиска поддршка на ранливи потрошувачи на енергија како паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во месеците од октомври до март. Финансиска поддршка за лица со ниски примања доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15.194,00 денари; за домаќинство со два члена до 18.000,00 денари; за домаќинство до три члена до 21.000,00 денари; за домаќинство со четири члена до 25.000,00 денари; и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 30.000,00 денари.
За спроведување на оваа Програма обезбедени се средства во износ од 60 милиони денари денари и ќе се применува од 1 јануари 2022 година.